• A-
  • A
  • A+

сабота, 22 јули 2017, 

НБРМ: Се намалува каматната стапка на благајничките записи за 0,25 процентни поени

НБРМ: Се намалува каматната стапка на благајничките записи за 0,25 процентни поени

Скопје, 11 јануари 2017 (МИА)Каматната стапка на благајничките записи ќе се намали за дополнителни 0,25 процентни поени и ќе изнесува 3,5 отсто, а понудата на благајнички записи ќе се зголеми од 23.000 милиони денари на 25.000 милиони денари, одлучи Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на Република Македонија (НБРМ).

Како што соопшти НБРМ, ваквата реакција на монетарната политика е одраз на натамошното стабилизирање на очекувањата на економските субјекти и на растот на структурната ликвидност на банкарскиот сектор.

- Сигналите за стабилизација и натаму се видливи во двата пункта каде што политичката криза имаше најголеми ефекти - девизниот пазар и депозитите во банкарскиот систем, наведува Централната банка.

НБРМ и во текот на декември интервенира со откуп на девизи, шести месец последователно, со релативно голем износ, со што и за целата година интервенциите се во насока на нето-откуп и имаат позитивен придонес кон промената на девизните резерви.

- Воедно, првичните декемвриски податоци упатуваат на натамошен засилен раст на штедењето на населението во банкарскиот систем. Овие податоци покажуваат и изразени преференции на населението за располагање со домашна валута. Поволните остварувања се забележуваат во услови на натамошни позитивни оцени за стабилноста на економските фундаменти, информира НБРМ.

Во однос на економската активност во македонската економија, бројот на показателите за четвртиот квартал од годината досега е ограничен, а нивното движење дава различни сигнали, поради што, посочува Банката, засега тешко можат да се дадат попрецизни оцени.

- Последните податоци за инфлацијата за 2016 година покажуваат дека просечната годишна промена на домашните потрошувачки цени останува во негативната зона (-0,2 отсто, во просек), при пониски цени на храната и енергијата. Од друга страна, базичната инфлација бележи позитивни годишни стапки на раст. Инфлациските остварувања во декември упатуваат на нешто пониска инфлација од проектираната, а очекувањата за увозните цени се ревидирани во различна насока, поради што и ризиците околу проекцијата на инфлацијата за следниот период се оценуваат како урамнотежени, стои во соопштението од НБРМ.

Првичните податоци за фискалниот сектор за 2016 година, како што се додава, упатуваат на помал буџетски дефицит во споредба со претходната година, а со тоа и одржување на процесот на фискална консолидација втора година по ред. 

На седницата беше констатирано дека во декември ликвидноста во банкарскиот систем забележа релативно висок месечен раст, главно поради интервенциите на Народната банка за откуп на девизи од банките поддржувачи (во износ од 63,45 милиони евра). Банките имаа вишок девизи генериран од поповолните движења во трансакциите со клиентите, пред сѐ со фирмите. Зголемена понуда имаше и од менувачниците, како сезонски ефект пред божиќните и новогодишните празници, додека со физичките лица беа регистрирани стабилни движења и нето-откуп на девизи.

- Со овие движења во декември, вкупните остварувања на девизниот пазар во последниот квартал од годината се исклучително поволни, при што банките во трансакциите со клиенти остваруваат нето-откуп на девизи втор последователен квартал. Остварувањата на девизниот пазар, како и приспособувањето на високите девизни позиции на банките во услови на зголемено кредитирање со валутна компонента, овозможија Народната банка да откупи вкупно 182,75 милиони евра во втората половина од годината, што е повеќе од продажбите во период на нестабилност на девизниот пазар во вториот квартал. Со тоа, на збирна основа во 2016 година Народната банка регистрира нето-откуп на девизи во износ од 16,65 милиони евра, со што ја зголеми ликвидноста во банкарскиот систем, истакнува НБРМ.

Покрај девизните интервенции, во насока на зголемување на ликвидноста на банките во 2016 година влијаеја и трансакциите на државата. Банките главно ја насочуваат високата денарска ликвидност во расположливите депозити кај Народната банка.

Податоците за девизните резерви во декември покажуваат раст, пред се, предочува НБРМ, како резултат на интервенциите со откуп на девизи, што упатува на поволни платнобилансни текови. Девизните резерви се повисоки во текот на целата 2016 година, со најизразен ефект врз нивниот раст од трансакциите на државата и девизните депозити на банките кај НБРМ.

- Сите показатели на адекватноста на девизните резерви покажуваат дека тие постојано се движат во сигурната зона. Во однос на показателите од надворешниот сектор, засега расположливите податоци за четвртиот квартал покажуваат дека трговскиот дефицит е нешто понизок од очекувањата, а нето-откупот на менувачкиот пазар, како показател за приватните трансфери, е во рамки на очекувањата, укажува Банката.

Натамошното стабилизирање на очекувањата на економските субјекти е видливо и преку промените кај депозитната база на банките. Првичните декадни податоци за декември 2016 година покажуваат месечен раст на вкупните депозити од 4 отсто што е значително забрзување во однос на досегашната динамика на раст. Растот на вкупните депозити во декември во поголем дел произлегуваше од повисоките депозити на претпријатијата, но значителен е придонесот и на штедењето на домаќинствата.

Од аспект на валутната структура на штедењето на населението, наспроти претходните три месеци кога придонесот на денарската и девизната компонента во растот на депозитите беше релативно урамнотежен, во декември 2016 година речиси 90 отсто од прирастот на штедењето на населението е во денари. Растот на вкупната депозитна база на банките во декември изнесува 5,7 проценти на годишна основа, што претставува забрзување на годишниот раст, којшто воедно е повисок од проектираниот.

Податоците за кредитниот пазар во декември исто така се поволни и покажуваат забрзување на месечниот раст на вкупните кредити на приватниот сектор, главно поттикнат од корпоративниот сектор. Кредитните текови во последниот квартал ги надминаа очекувањата, со што и годишната стапка на раст на кредитите од 6,6 отсто е над проектираната.

Во декември, меѓународните финансиски пазари беа под влијание на дивергентната поставеност на монетарната политика на ЕЦБ и на ФЕД, потврдена со одлуките донесени на состаноците на овие централни банки во декември. Во еврозоната беа забележани позитивни ценовни придвижувања на крајот на годината, во услови на повисоки цени на енергентите, што е поврзано со одлуките за ограничување на понудата на нафта од страна на земјите извознички на овој енергент.

На седницата беше оценето дека последните податоци покажуваат постојано стабилизирање на очекувањата на економските субјекти, што придонесува за раст на штедењето на населението и откуп на девизи на НБРМ на девизниот пазар. Ваквите поволни движења укажуваат на услови за постепено приспособување на основната каматна стапка на нивото остварено пред мај 2016 година. Оцените за стабилноста на економските фундаменти остануваат позитивни. Ризиците од домашните политички случувања се ублажени, но и понатаму присутни. Воедно, и ризиците од глобалното окружување остануваат актуелни. мч/паг/14:44

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.