• A-
  • A
  • A+
среда, 21 февруари 2018, 

Асани и Дурмиши разговараа за железничкото поврзување меѓу Македонија и Албанија

 Асани и Дурмиши  разговараа за железничкото поврзување меѓу Македонија и Албанија

Скопје, 9 февруари 2018 (МИА) - Изградбата на Коридорот 8 во железничкиот дел кој треба да ги поврзе Албанија и Македонија со делница која е предвидено да поминува преку Кичево-Струга-Лин и да стаса до Драч е приоритет на двете влади, оцениле на средба директорот на ЈП „Македонски железници-Инфраструктура“ Ирфан Асани и неговиот албански колега Ани Дурмиши.

Асани и Дурмиши договориле интензивирање на соработката.

- Од македонска страна веќе е изготвен финалниот проект за изгрaдба на пругата од Кичево до албанската граница, кој ќе ги покаже точките на поврзување на двете железници,  рекол директорот на МЖ инфраструктура.

Како што соопшти денеска МЖ Инфраструктура, Дурмиши навел дека приоритет на албанската Влада е изградба и железнико поврзување меѓу Албанија и Македонија.

- Досега е завршена физибилити студијата за овој дел од железницата кој треба да ги поврзува двете држави. Се надеваме дека многу брзо ќе ја знаеме и вкупната вредност на овој проект, но би сакал да нагласам дека албанската Влада и дава посебен приоритет за изградба на овој дел од железничката инфраструктура која ќе донесе економски придобивки за двете држави, истакнал Дурмиши.

МЖ  Инфраструктура укажува на економските придобивки од изградбата на железничката делница, со која Македонија ќе се поврзе со пристаништето во Драч, а Албанија со железница ќе се поврзе со Бугарија.

Јавното претпријатие Македонски Железници- Инфраструктура и Албанските железници имаат потпишано меморандум за соработка кој предвидува координирање и заеднички настап пред меѓународните фондови за обезбедување пари за пругата Кичево-Лин. Се очекува до 2023 година железничкиот дел на тој потег од Коридорот 8 да биде целосно функционален.лв/дма/15:21

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ