• A-
  • A
  • A+

среда, 28 јуни 2017, 

Во Кумановската библиотека одбележан Светскиот ден на книгата и авторското право

Во Кумановската библиотека одбележан Светскиот ден на книгата и авторското право

Куманово, 21 април 2017 (МИА) - Во библиотеката „Тане Георгиевски“ во Куманово денеска беше одбележан 23 април, Светски ден на книгата и авторското право кој годинава се одбележува по 22-ри пат.

Читателите кои денеска ја посетија библиотеката добија цвет и книга, според стариот каталонски обичај од каде потекнува идејата и традицијата за одбележување на овој ден. Беа презентирани и пораките што ги испраќаат генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова и проф.д-р Иван Џепаровски. Во пораката на Бокова се вели дека овој ден е убав повод да се истакне големата моќ на книгите кои пренесуваат визија за општество засновано на инклузивно знаење, плуралистичко, праведно и отворено за учество на сите граѓани.

- Се вели дека хуманоста на едно општество се мери со степенот на грижата кон најранливите категории. Ако тоа се однесува за достапноста на книгите за лицата со оштетен вид, на оние со потешкотии во учењето или пак на оние со физички пречки, од различни причини, ќе се соочиме со фактот што слободно може да се нарече „глад за книгите“, стои во пораката на Бокова.

Џепаровски, филозоф и поет, во пораката наведува дека добро е да се потсетиме на Умберто Еко, кој почина мината година, а кој постојано, и во своите книжевни и во своите теориски дела, укажуваше на важноста на книгите, на библиотеките, како и на меморијата која во овие светилишта на зборот суверено владее во име на бесмртните автори.

Директорот на Кумановската библиотека, Марјан Петковски истакна дека на секој начин се обидуваат да ја популаризираат книгата меѓу читателската јавност. Посочи дека во таа насока, библиотеката три пати годишно набавува книги од кои во два наврати белетристика и стручна литература, а еднаш годишно лектири за учениците.

Кумановската библиотека располага со книжен фонд од околу 200.000 книги. Околу 4.500 кумановци се редовни корисници и членови на библиотеката кои редовно позајмуваат книги.

Инаку, УНЕСКО одлучи првпат во 1995 година 23 април да им го посвети на книгите и авторите. Се смета дека 23 април е земен како повод, бидејќи, на тој ден во 1616 година починале двајцата великани на светската книжевност Мигуел де Сервантес и Вилијам Шекспир. ам/рп/12:29

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ