• A-
  • A
  • A+
четврток, 19 октомври 2017, 

За 14 студенти на ФЕИТ стипендии од ЕВН, МЕПСО и ЕЛЕМ

Скопје, 23 јуни 2014 (МИА) - Најдобрите 14 студенти на електро-енергетските насоки на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), кои навреме ја завршија првата година со просек над  осум,  денеска добија стипендии од енергетските компании АД ЕЛЕМ, ЕВН – Македонија и АД МЕПСО.

Месечната стипендија изнесува 6.000 денари. По пет стипендии доделуваат ЕЛЕМ и МЕПСО, а ЕВН Македонија четири. Поддршката на најдобрите студенти на ФЕИТ со стипендии до крајот на студиите доколку ја задржат минималната просечна оценка од 8 се спроведува трета година.

Според деканот на ФЕИТ Миле Станкоски, со стипендирањето енергетските компании го регрутираат најдобриот кадар од факултетот и придонесувaат за подdршка на образовниот процес. Заложбите и кампањата на факултетот и на Владата  за  студирање на техничките факултети, информира, тројно го зголемиле бројот на студенти на електро-енергетските насоки.

- Ако во 2010 година почнавме со 50, следната имавме 67, првата година  по почнувањето со стипендии имавме 115, за да минатата година имаме дури 161 студент. Значи, тројно го зголемивме  бројот на студентите, а очекуваме трендот да продолжи и оваа година да запишеме над 200 студенти на енергетските насоки, рече Станкоски.

На почетокот на акцијата, наведе, немавме доволно студенти од овие насоки на кои ќе им ги доделиме наградите бидејќи условот беше да имаат просек над 8, а сега се сочуваме со поинтересна ситуација, имаме преголема конкуренција за стипендиите.

Генералните директори на енергетските компании, кои им ги доделија стипендиите, најавија продлжување на акција. 

Игор Гиевски, член на Управниот одбор на ЕВН Македонија истакна дека со стипендирање на најдобрите студенти на ФЕИТ, почнала да се остварува нивната стратегиска цел и дел од нивните стипендисти веќе работат во ЕВН Македонија. - Со тоа се остваруваат заложбите да поддржуваме и создаваме млади стручни кадри од електро енергетскиот сектор кои ќе бидат подготвени да го вклучат својот талент и знаење во развојот на нашата компанија. Нашата поддршка на образовниот процес на младите и развојот на нивната професионална кариера ќе продолжат понатаму, рече Гиевски.

Според генералниот директор на АД МЕПСО, Синиша Спасов, годинава имало силна конкуренција за стипендии  од студенти со висок успех што е доказ дека акцијата со стипендирање веќе се препознава како позитивна општествена практика која ги мотивира студентите по електроенергетската насока. - Горди сме што можеме да го потенцираме овој нов квалитет што го создаваа оваа тригодишна практика, потенцира  Спасов.

Генералниот директор на АД ЕЛЕМ, Дејан Бошковски, нагласи дека општествено одговорните практики се дел од портфолиото на „Електрани на Македонија“.

- Во последните неколку години општествено одговорните практики се составен дел од корпоративното портфолио на  „Електрани на Македонија“. Сметаме дека помагањето и поддршката на општеството е нераскинлив дел од  развојот на целокупната општествена заедница, особено со активности кои директно го поттикнуваат унапредувањето на образованието и науката. Во овие клупи, во овие амфитеатри, слушаат предавања и се здобиваат со знаење, идните двигатели на нашата земја, надежта за прогресивна и модерна Македонија, укажа Бошковски.

На церемонијата на ФЕИТ беа врачени и награди и признанија на студентите кои завршиле прва, втора и трета година со просек 9 и над 9, како и на студентите кои учествувале на домошни и меѓународни натпревари.лв/скс/11:59

 



###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.