• A-
  • A
  • A+
сабота, 21 октомври 2017, 

Почнa уписот на Штипскиот универзитет, слободни 5200 места

Почнa уписот на Штипскиот универзитет, слободни 5200 места

Штип, 14 август 2017 (МИА) - На 13 факултети и на три академии на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип денеска почна уписот на студенти во прва година за академската 2017-2018 година. Студентите апликациите може да ги доставуваат утре и задутре. Според анализите на УГД,  најатрактивни и оваа година се факултетите за медицински науки, туризам и бизнис-логистика.  

- Единаесетта година по ред Универзитетот се обидува на интегриран и уникатен начин на едно место, заедно сите факултети и сите студиски програми согласно конкурсот во Штип и наставните центри на универзитетот, да ги организира пристојно своите уписи. Согласно со конкурсот на универзитетот, планирани се 5.200 слободни места, околу 3.000 во редовната квота, околу 1.200 во квотата за кофинансирање и 900 во квотата за вонредни студенти, изјави Кирил Барбареев, проректор на УГД-Штип. 

Тој истакна средношколците кои полагаат државна матура во августовскиот испитен рок може да ги достават своите документи.

- Она што во овој момент сакаме да го потенцираме и да го соопштиме на средношколците кои во моментот полагаат државна матура е дека универзитетот, а имаше такво барање од нивна страна,  ќе продолжи да ги прима нивните документи и по завршување на рокот, се со цел да се излезе во пресрет на оние студенти кои го избрале универзитетот „Гоце Делчев“, рече Барбарееев.

Кирил Барбареев, проректор УГД

Уписите на нови студенти на Штипскиот универзитет се одвиваат во фоајето на Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип, а исто така и во наставните центри во Струмица, Скопје, Кавадарци, Прилеп, Кочани, Виница и Радовиш.

Од Универзитетот очекуваат на сите факултети и академии да се запишат околу 2.500 студенти. Штипскиот универзитет нема да наплатува партиципација за студенти без родители, лица со прв степен  инвалидност, за воени инвалиди, лица одгледани во домови за деца без родители, а од оваа академска година студентите кои имаат растено само со еден родител ќе плаќаат половина од износот на партиципацијата.

Вториот уписен рок на УГД-Штип е на 25-ти и 26 август, а третиот на 5-ти и 6 септември. вдј/хс/12:26

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.