• A-
  • A
  • A+

понеделник, 25 септември 2017, 

Аднан Јашари, министер за правда на Република Македонија

Аднан Јашари, министер за правда на Република Македонија

Скопје, 10 октомври 2014

Министерството за правда е клучно за напредокот на државата преку усогласувањето и имплементацијата на реформите во судството. Кои се Вашите приоритети како министер за правда во таа насока?

- Министерството за правда и Владата на Република Македонија посебно внимание посветуваат на реформите во правосудството. Во тие рамки, нашите активности се насочени кон дефинирање на нормативната рамка со која се зајакнува независноста и се зголемува ефикасноста на судскиот систем. Изминатиов период беа донесени голем број закони од областа на правосудството. Како резултат од имплементацијата на донесените закони, можеме да констатираме, се зголеми ефикасноста во работата на судовите.

Заради натамошно јакнење на независноста на судството и исполнувањето на препораките од меѓународните организации, пристапивме кон менување на пакет закони од областа на правосудството, што ќе биде наш приорите во наредниот период.

Во областа на правосудството, а во насока на зголемување на ефикасноста на судиите преземавме и други бројни активности од кои особено би ги споменал развивањето на информатичкиот систем во судовите, и практичната имплементација на одредбите за електронска достава. Во контекст на подобрување на квалитетот на статистичките податоци, врз основа на донесената Методологијата за судска статистика се анализираат податоците за работа на судовите согласно предвидените 11 индикатори за мерење на успешноста на судовите. Овие активности се спроведуваат преку соодветна софтверска апликација која е инсталирана во Судскиот совет на Република Македонија.

Во овој период се одржуваа дебати посветени на уставните измени предложени од страна на Владата на РМ. Кои аргумени „за“ или „против“ како покарактеристични кои беа изнесени на досегашните трибини би ги издвоиле? 

- Пред неколку дена официјално заврши јавната расправа по Нацрт-амандманите на Уставот на Република Македонија. Во рамките на јавната расправа беа одржани повеќе дебати во рамките на МАНУ, универзитетите и во Собранието на Република Македонија. На наведените дебати се разви широка дискусија по Нацрт-амандманите. Сите сугестии, мислења и забелешки ќе бидат сублимирани и анализирани и врз основа на аргументите понудени од оние кои ги дадоа предлозите, ќе биде одлучено кои од нив се прифатливи и што од тоа што е предложено ќе биде вградено во Предлог –амандманите кои ќе бидат доставени во Собранието на Република Македонија.

аднан јашариВаш коментар на забелешките од Венецијанската комисија во однос на уставните измени?

- Венецијанската комисија е едно од најреспектабилните стручни тела кои уживаат огромен авторитет во областа на уставното право. Токму затоа и како Влада на Република Македонија побаравме од нив мислење по Нацрт амандманите. Нивна делегација веќе ја посети Република Македонија и имаше средби со претставници од сите надлежни институции. И јас како министер за правда остварив средба со претставниците на Венецијанската комисија и им ги презентирав Нацрт-амандманите и посебно се осврнав на причините за нивно предлагање, како и решенијата содржани во нив. За денеска најавен е состанок на Венецијанската комисија кога ќе биде усвоено мислењето на Венецијанската комисија. По усвојувањето на мислењето, сериозно ќе ги разгледаме сите сугестии и аргументите за нивно вградување во Предлог-амандманите.

аднан јашариНајавени се измени во Законот за судовите со цел да се пополни „правната празнина“ во однос на мирувањето на функцијата „судија“ на оние судии на кои брачните другари им се испратени во дипломатија. Што поконкретно предвидуваат измените?

- Во постојниот член 53 од Законот за судовите е пропишано дека „Ако судијата е именуван или избран за член на Судскиот совет на Република Македонија или за судија на меѓународен суд, судија на Уставен суд или директор на Академијата за обука на судии и јавни обвинители, судиската функција му мирува за времето додека ја врши должноста за која е именуван, односно избран.“ Во ставот (2) од наведениот член е пропишано дека „По истекот на мандатот за кој е именуван, судијата има право да се врати во судот од кој заминал на вршење на другата должност.“

Со оглед дека постои правна празнина за мирување на функцијата судија на оние судии на кои брачниот другар бил упатен во дипломатско конзуларно претставништво на Република Македонија, во меѓународна владина организација или меѓународен суд се наметна потребата од дополнување на Законот за судовите. Затоа, размислуваме оваа правна празнина да ја уредиме во насока на судија чиј брачен другар е упатен на работа во дипломатско конзуларно претставништво на Република Македонија, по негово барање може да му мирува судиската функција за времето додека неговиот брачен другар ја врши должноста на која е упатен.


аднан јашариПредвидени се и измени во Законот за нотаријат во однос на намалувањето на нотарската тарифа и полагањето на нотарскиот испит да се врши екектронски. Ваш коментар за тоа?

- Во Владата на Република Македонија има доставено предлог за измена на Нотарската тарифа, по која Владата треба да даде согласност за донесување на предложената Нотарската тарифа. Со предложената Нотарска тарифа, се врши намалување на наградата на нотарот во делот на составување на нотарски акти и солемнизирање на приватни исправи кога се работи за купопродажба на недвижен или подвижен имот.

Досега полагањето на нотарски испит се врши преку Комисија која ја формира министерот за правда која е составена од претседател и двајца членови, који се избираат за време од три години од редот на истакнати правници. Со предлог законот за нотаријатот се пропишува електронски начин на полагање на испитот, со цел постигнување на поголема објективност во оценувањето на кандидтите кои се пријавиле за полагање на нотарскиот испит. Нотарскиот испит ќе се полага на два дела и тоа прв дел прашања кои ќе се одговараат електронски и втор дел студии на случајот.

аднан јашариКаква е моменталната состојба во затворите и дали конечно подобрите услови ќе станат реалност?

- Во насока на подобрување на затворските услови во тек се крупни зафати за реформско подобрување на сместувачките услови во казнено-поправните установи. Во таа смисла, во рамките на „Проектот за реконструкција на казнено-поправните установи во Република Македонија" се преземаат низа конкретни активностиза изградба и реновирање на казнено-поправните установи, кои се реализираат со средства обезбедени од Буџетот на Република Македонија и со заем од Банката за развој при Советот на Европа. Целокупната инвестиција изнесува вкупно 52 милиони евра.

Проектот опфаќа обнова, реновирање и изградба на нови објекти во четири установи и тоа: КПД Идризово, ВПД Тетово, Затвор Скопје и Затвор Куманово, со што ќе бидат изградени и реновирани вкупно 63.000 метри квадратни.

Моментната состојба за реализирани активности во рамките на „Проектот за реконструкција на казнено-поправние установи во Република Македонија” е следна:
Заврши изградбата на Затвор Куманово и од средината на номеври 2013 година функционира како установа од полуотворен вид. Вкупната површина на сместувачките и придружните капапацитети изнесува вкупно 5.500 м2 со капацитетот од 250 лица.

На 16-ти септември 2013 година поставен е камен темелник за градба на Казнено-поправниот дом Идризово и започнати се градежни активности на објектите од првата фаза на градба на КПД Идризово. Оваа установа ќе се гради во три фази и се очекува да заврши во текот на 2018 година.

Во март 2014 година започна изградбата на комплетно нов Воспитно-поправен дом Тетово.Изградбата е во тек и се одвива согласно Динамичкиот план на градба и се очекува да заврши во 2016 година.

Каков е ефектот од имплементацијата на договорите за екстрадиција на сопствените државјани кои ги склучи Република Македонија? До каде се постапките за македонските државјани кои се бараат со екстрадиција?

- Република Македонија има склучено билатералени договори за екстрадиција на сопствени државјани со Република Србија, Република Хрватска, Република Босна и Црна Гора. До овој момент во Министерството за правда се заведени три барања за екстрадиција за издавање на сопствени државјани. Едното барање е во постапка, по второто барање постапката е завршена и е екстрадиран во Република Маедонија, а по третото барање известено е Министерството за правда на Република Македонија дека лицето не се наоѓа на нивната територијта.

аднан јашариКога може да се очекува да биде пуштена во употреба новата зграда на скопскиот Кривичен суд, како и реновираната на Министерството за правда?

- Новата зграда на Кривичниот суд е проектирана на 10 нивоа – две подрумски, приземје, шест ката и поткровје. Предвидени се 74 судски кабинети, 22 средни судници и две репрезентативни од кои една за 200 лица за случаите на организиран криминал и една за 100 лица. Обезбеден е простор за архиви, шалтер сала со 60 работни места за сите оддели и простории за судската полиција, репрезентативна судница и канцеларии, судски кабинети за кривичниот оддел за организиран криминал, оддел за прекршоци, и оддел за извршување санкции, кабинети и канцеларии за одделот за истрага, истражен оддел за организиран криминал, канцеларии за судската управа и судската служба, како и паркинг простор за 60 возила. Објектот има вкупна корисна површина од 8.826 метри квадратни.

Новата зграда на Кривичниот суд е во завршна фаза и што се однесува за периодот кога ќе биде пуштен во употреба, пошироката јавност ќе биде дополнително известена. Истото се однесува и на реновирањето на зградата на Министерството за правда.

Даниела Маркоска Алексовска

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ