• A-
  • A
  • A+
недела, 21 јануари 2018, 

Елена Дрвошанова Крамди, специјалист за интелектуално право и член на луксембуршки рок-бенд

Елена Дрвошанова Крамди, специјалист за интелектуално право и член на луксембуршки рок-бенд

8 април 2016 

Елена Дрвошанова Крамди е струмичанка која живее и работи во Луксембург, кадешто неодамна се пресели од Париз. По дипломирањето на Правниот факултет во Скопје, отсек новинарство, во 2001 година, заминала од Македонија. Во Франција магистрирала на Правниот факултет во Безансон, отсек европско деловно право, а потоа завршила и втора магистратура на Правниот факултет Париз 5, отсек Правото и електронскиот бизнис.

До пред една година работеше како деловен правник во фирма за инвестиции во Париз која е активна на меѓународно ниво, а во Луксембург работи во фирмата Docler Holding како специјалист за интелектуално право. Освен што е успешна како правник, Елена интензивно се занимава и со пеење. Таа неодамна стана вокал на рок-групата Strysles од Луксембург, чии членови веќе прифатија македонски израз за периодот откако на бендот му се придружи Елена па го нарекуваат „нов ветер“.

Освен со музика се занимаваш и со правничка дејност. Како се случи да имаш две толку различни професии и да бидеш подеднакво успешна и во едната и во другата?

- Од секогаш бев одлична ученичка, па не беше замисливо да градам музичка кариера како главна професија. Во моето семејство речиси сите имаат реномирани професии (инженер, адвокат, професор). Никој не ја следел својата страст за музиката, почнувајќи од татко ми кој цел живот свири гитара, но не професионално, туку само за своја душа.

Како и да е, на 14-годишна возраст, изборот помеѓу средно музичко училиште и гимназија беше тежок. Избрав да учам во гимназија, но сепак, музиката остана дел од мојот живот секогаш и насекаде. По дипломирањето на Правниот факултет во Скопје, отсек новинарство, заминав од Македонија и дојдов во Франција на постдипломски студии. Магистрирав на Правниот факултет во Безансон, отсек Европско деловно право и потоа завршив и втора магистратура на Правниот факултет Париз 5, отсек Правото и електронскиот бизнис.

Во Париз работев како деловен правник во фирма за инвестиции која е активна на меѓународно ниво, а сега работам како специјалист за интелектуално право во една фирма во Луксембург, Docler Holding, која е исто активна на меѓународен план, во доменот на медиумите и филмската продукција. Ги има продуцирано филмовите „Open Grave“ и „Six Dance Lessons in Six Weeks“, а сега произведува калифорниска серија, но исто работи и на други гранки како на пример online travel agency Elvoline, портал за музика, Teqball спорт итн. Имаме канцеларии овде во Луксембург, во Унгарија, во Калифорнија, УСА и во Хонг Конг.

Колку што му се посветувам на правото, толку сум активна и на музички план. Активен член сум на САСЕМ, организација за заштита на авторските права. Пред две години имав допир и со драмската уметност, бидејќи ја добив главната улога во музичката рок комедија „Подарокот“.

Потполно сум им посветена на моите две професии. Со текот на времето сфатив дека да се работи со музика не е едноставно и дека за тоа да биде како што треба, потребно е извесно знаење и школување. Затоа земав часови по пеење и одев на курсеви по солфеж и почнав да читам ноти. Далеку сум од експерт, но имам добро познавање на музиката, што ми помага при компонирањето.

Работата на две сосема различни полиња не ми е ни толку тешко бидејќи сум сериозна и непоколеблива како правник, а музиката е моето внатрешно битие кое ми дава рамнотежа во животот. Со правото сум на земја, со музиката во облаци. А двете професии заедно ме прават да бидам професионално и душевно исполнета личност.

Елена 3

Дали твоите колеги во областа на правото знаат за твојата музичка професија?

- Ја имам таа среќа да бидам во работна средина која ја прифати мојата екстра професионална активност на музички план. И колегите во Париз, но и новите колеги во Луксембург, кои дури неодамна ги изненадив со настап со мојот бенд за божиќната прослава на Docler Holding, сите беа воодушевени кога дознаа за мојата втора професија. Оваа спојка не е вообичаена, но сепак функционира.

Какви се твоите (француски) искуства на планот на заштита на авторските права?

- И претходно, пред да почнам да работам во париската фирма, кадешто повеќе се занимавав со меѓународно бизнис право, работев во фирма за консалтинг во правото на интелектуална и индустриска сопственост, како и сега. Значи, сѐ што е поврзано со заштита на авторски права, права на брендови, дизајни, модели и патенти. Сето тоа искуство го збогати моето познавање на сите процедури против фалсификувањето и за тоа како авторите ги заштитуваат своите дела и својот труд.

Колку си во тек со она што се случува на полето на авторски права во Македонија?

- Се разбира дека сум во тек со сѐ што се случува, па и на планот на правото на индустриската сопственост и активноста на Државниот завод за индустриска сопственост во Македонија. Домен којшто помалку го знам, а би сакала да го научам, е законот за авторско право во Македонија кое секако ќе ми послужи за мојата музичка активност во Македонија. Не би требало да е многу различно од француското авторско право бидејќи како и Франција, и Македонија е потписник на Бернската конвенција која ја заштитува оригиналноста на делата. На теоретски план ми е јасно сѐ, останува да видам како конкретно се организира заштитата во Македонија.

Запознаена сум и со тоа дека во Македонија не е како што беше порано. Се повеќе се регулираат и се почитуваат закони, па и во сферата на авторското право. На пример, ги нема веќе продавниците кајшто купувавме фалсификат цедиња во 2000-тата година.

Како твоите колеги и околината реагираат на тоа што си од Македонија, колку знаат за Македонија, дали некогаш зборувате за твоето потекло?

- Речиси секој со кого разговарам забележува дека зборувам со акцент од некоја источно-европска земја. И прашањето од каде сум, од каде потекнувам, си доаѓа само по себе.

Кога ќе кажам дека сум Македонка, повеќето од луѓето со кои соработувам и се дружам, знаат каде е Македонија, но еден помал дел од нив ми бараат подетални информации. Се случува, иако ретко, да ја сметаат Македонија за дел од Грција, што многу ме револтира. Затоа се трудам максимално да им ја објаснам и да им ја раскажам нашата историја.

Други пак се запознаени со проблемот за името со Грција, но ретко е некој да каже дека е заинтересиран за ова мало парче земја. Затоа целта ми е да ги поттикнам моите соработници да се интересираат повеќе за Македонија.

Кај Docler Holding има вработено лица од 20 националности, само јас сум Македонка, но има Хрвати, Унгарци, Французи, Американци, Германци, Руси итн. Луксембург е познат по интернационалноста. Се зборува на француски, германски, англиски и луксембуршки јазик.

Елена со групата

На музички план кога почнав да работам со Strysles веднаш присвоивме еден македонски израз во сите маркетинг публикации, па моето приклучување кон бендот го нарековме „нов ветер“. Можете да ја посетите веб страницата http://strysles.lu и да го прочитате прескитот. Интересно е.

Пред некое време бевме на RTL-радиото и првото прашење на водителот му беше како се вели hello на македонски. Здраво.

Колегите се заинтересирани за тоа што имам направено во Македонија и повеќето ја имаат слушнато мојата песна „Длабока болка“.

Во видео-спотот за песната „Длабока болка“, кој е сниман во Македонија, делумно во Струмица, а делумно во Скопје, накусо се гледа и споменикот на Тоше Проески. Дали успеа да го запознаеш овој македонски миленик?

- Тоше го запознав во Швајцарија, кога во 2003 година испеав со него две песни во дискотеките „Pink“ во Цуг и „Palma“ во Берн. Морам да признаам дека чувството да бидеш до една голема ѕвезда, до еден таков извонреден талент како Тоше, е прекрасно. Срцето ми е тажно кога мислам на него, но сѐ уште се сеќавам на неговите зборови тој ден кога му реков дека сум новинар.

Тој ми рече: „Ти девојко си ја згрешила струката“, а сѐ уште бевме на сцена, само што ја испеавме песната „Немир“. Се разбира продолжив да пеам и ден денес му подарувам на светот парче од мојата душа и срце.

Кои ти се следните планови со Strysles?

- На 23 април имаме release party во Den Hollänner, Wickrange, по повод реализација на албумот Тик Так. Отворањето ќе го прават групата Filthy Broke Billionaires, а ќе имаме и еден гостин изненадување. Пред тоа имаме неколку интервјуа на радио, меѓу кои Radio 100,7 и Radio Dudelange FM. И за летото испланиравме неколку концерти.

Што сметаш за свој најголем успех на професионален план, кога станува збор за музиката, а што во приватниот живот?

- На музички план, досега најдобро остварување ми е албумот Tic Tac, можете да го симнете од 23 април на iTunes и други онлајн пратформи. После тоа, песната „Длабока болка“. Имам многу други реализации во минатото, а меѓу другите можам да го споменам и учеството во хуманитарната програма за Хаити, што се одржа во Јаунде, Камерун, во 2010 година, наречена „Сите заедно за Хаити“, со песната „Хаити“ која се емитуваше на веб-сајтот на CNN. Видео записот за песната е дело на Motherland Entertainment, Камерун и Антони Ансаров, САД. Други информации на мојот сајт http://ellenjenny.fr.

На личен план, дефинитивно, најубавото остварување ми е бракот со Давид, моето второ јас.

Каков е ставот на твојот сопруг во однос на твоите ангажмани?

- Давид ме поддржува во секој поглед во мојата динамичност. Јас сум активна и зборлива личност, а тој е тивок и мирен. Тој е мојата рамнотежа во животот. Се разбира, доколку ја немав таа поддршка од него, немаше да бидам тоа што сум денес.

И покрај тоа што сум нон-стоп во движење, сепак наоѓам слободно време за себе и за семејството. Често спортуваме заедно, возиме велосипеди, трчаме, одиме на кино, а често се случува и да излеземе без телефони што е вистинско задоволство, бидејќи многу е поубаво чувството на слобода без секојдневните телефонски комуникации.

Драгица Христова

Фотографии: Приватна архива

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мозаик

Во Лондон одложен лет поради пијан пилот

Авион на „Бритиш ервејз“ со два часа задоцнување п...

Том Пети починал од случајно предозирање со аналгетици

Познатиот американски музичар Том Пети починал од ...

Ким Кардашиан ги разбесни фановите со новата фотографија

Најпознатата старлета во светот Ким Кардашиан обја...

И Путин скокаше по крстот

Рускиот претседател Владмир Путин (65) денеска ско...

Папата венча стјуардеса и стјуард во авион

Папата Франциско ги венчаше стјуардесата и стјуард...