• A-
  • A
  • A+
недела, 22 октомври 2017, 

Ѓоко Котевски, директор на Управата за водење на матичните книги

Ѓоко Котевски, директор на Управата за водење на матичните книги

Скопје, 3 октомври 2017

Управата за водење на матичните книги до крајот на годинава планира да ги стават во функција трите модули за аплицирање он лајн на граѓаните за сите видови на изводи - за родени, за венчани и за умрени. Предвидено е електронско поврзување со нотарите, извршителите и адвокатите, со цел јавните исправи кои им се бараат на граѓаните во постапките кои се водат кај нив да бидат обезбедени по електронски пат од Управата, потпишани со дигитален сертификат, а ќе се направат и обиди да се организира достава на изводите до домот на граѓаните. Ова го истакна во интервјуто за МИА директорот на Управата за водење на матичните книги Ѓоко Котевски.

Матичната евиденција е основата на сите општествени и економски планирања на една држава. Како функционира Управата за водење на матичните книги?

- Управата за водење на матичните книги претставува орган во состав на Министерството за правда со својство на правно лице, формирана со Законот за изменување и дополнување на Законот за матична евиденција (Службен весник на Република Мкаедонија бр. 98/08). Основна надлежност на Управата согласно овој Закон е водење на матичните книги на родени, венчани и умрени (рачно и во електронска форма), нивна заштита и чување, издавање на изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги, водење на постапка и составување на записник за најдено дете, обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги.

Управата функционира преку осум подрачни одделенија, 26 подрачни канцеларии и 142 матични подрачја-месни канцеларии на територија на државата. Матичната евиденција и податоците кои се водат согласно Законот за матична евиденција, Законот за семејство, Законот за лично име, Законот за државјанство, Законот за општа управна постапка и др., се темел на сите планови во земјата од областа на политичкиот, економскиот, социјалниот, образовниот апект, со цел реализирање на потребите на граѓаните од овие области. Поради тоа Управата за водење на матичните книги има склучено договори за соработка со голем број државни органи и институции согласно Законот.

Треба да се истакне дека Управата како контролор на личните податоци на граѓаните ги превзема сите активности за правилна примена на Законот за заштита на личните податоци во однос на тајноста и достапноста на податоците кои се водат во матичните книги.

Управата која стартуваше со работа на 01.01.2010 година до сега воспоставен електронски матичен регистар, поврзани се електронски сите подрачни одделенија и подрачни канцеларии на Управата, со цел побрз и поефикасен пристап на граѓаните до матичната евиденција, а со тоа и секој граѓанин може да добие извод од било кое матично подрачје.

матична евиденција

Каква состојба затекнавте во Управата откога стапивте на должност во август 2017 година?

- На оваа позиција дојдов како што рековте на почетокот на август годинава и треба да истакнам дека досега имам посетено повеќе подрачни одделенија и подрачни канцеларии, и се запознав со работата и проблемите со кои се соочуваат околу 500 вработени. Во самата Управа има одличен тим од правници и информатичари кои се столбот на работата на матичната евиденција, но не треба да се потценат останатите сектори и вработени без кои Управата не би можела да функционира.

Како најголем проблем, па и предизвик со кој се соочив беше работата на ПО Скопје, кое претставува најголемо одделение со најголем обем на работа. Главниот проблем е времетраењето за издавање на изводите за седум работни дена, па некогаш и повеќе, како и реакцијата на странките и постојаните турканици по шалтерите. Исто така голем број управни постапки кои од различни причини чекаа на решавање, а поради тоа граѓаните не можеа да добијат изводи за намените за кои ги бараа.

Со помош на правниот сектор на Управата и со вработените во ПО Скопје веќе две недели изводите се издаваат во рок од еден-два  дена, додека голем број на управни постапки добија решенија, односно странките се известени за „судбината” на нивниот предмет. Ова темпо имаме намера да го задржиме и во иднина и да се подобриме. Од целокупната слика што ја добив во овој период откако сум на оваа позиција можам само да заклучам дека дел од луѓето кои биле ставени на раководни позиции, не секогаш одговарале соодветно на работните задачи, што со текот на времето и работењето ќе гледаме да ги надополниме направените пропусти.

матична евиденција

Во текот на оваа година започнаа и во тек се неколку нови проекти за осовременување на работата на Управата. За што поконкретно станува збор?

- На почетокот на оваа година покрај електонското поврзување на матичните подрачја, стартуваше и проектот за издавање изводи од матичната евиденција со поднесени барања во Дипломатско конзуларните претставништва на Република Македеонија на речиси сите континенти. На нашите државјани олеснета им е процедурата за добивање на податоци од матичната евиденција преку поднесување на барања директно во земјите каде престојуваат.

Друга новина е проектот ,,Добредојде бебе” кое на почетокот на август почна само во породилиштата во Скопје, а од почетокот на септември овој проект функционира во сите 17 родилишта на територијата на Република Македонија. Имено, родилките за време на престојот во болницата пред да ја напуштат го добиваат и првиот извод од матичната книга на родени за бебето, со што се скратува процедурата за чекање на шалтери и носење документи во матичните подрачја.

Треба да истакнеме дека подрачните канцеларии во Прилеп и Кичево се преселија во нови простории, кои се во владение на Управата за водење на матичните книги. Овие простории се современо уредени со целосна компјутерска опрема за ефикасна и брза работа, со што на граѓаните им се нудат квалитетни услуги.

Во текот на овој месец треба да профукционираат сите три модули за он лајн аплицирање за изводи од матичните книги на родени, венчани и умрени, и достава на истите до домот на граѓаните.

За поуспешна соработка остваривме средби и ја зајакнавме комуникацијата со Министерството за внатрешни работи со кои тесно соработуваме, потоа со Министерството за труд и социјална политика, каде сме активно ангажирани околу проектот, за решавање на проблемот на лицата без документи.

Управата за водење на матичните книги оствари и средба со УНХЦР со чии претставници разговараше за проблемот на лицата без документи со цел оваа невладина организација да помогне околу реализирањето на ДНК анализите неопходни во управните постапкиводени пред управата за дополнително запишување на фактот на раѓање на деца родени во домашни услови, давање поддршка во однос на одржување на обуки за вработените во Управата.

Деновите се оствари и средба со министерот за образование, со цел електронски да се поврзат овие две институции и идните ученици (основци,средношколци) како и идните студенти да не вадат извод во матичните служби.

До крајот на годинава предвидено е да заврши набавката на скенери преку европските фондови, со што во иднина е предвидено сите уписи во матичните книги да бидат скенирани и зачувани во електронскиот систем. Со тоа ќе се заштитат хартиените матични книги, а матичната евиденција за еден граѓанин ќе се наоѓа на едно место, па во иднина ќе работиме на добивање на семејно стебло за граѓаните со упарување на сите податоци кои ги поседуваме.

матична евиденција

Според Вас, што од предвиденото може да биде реализирано до крајот на 2017 година?

- Како што веќе истакнав, капацитетот на Управата ќе го пренасочиме на ставање во функција на трите модули за аплицирање он лајн на граѓаните за сите видови на изводи - за родени, за венчани и за умрени. 

Предвидено е електронско поврзување со нотарите, извршителите и адвокатите се со цел јавните исправи кои им се бараат на граѓаните во постапките кои се водат кај нив да бидат обезбедени по електронски пат од Управата за водење на матичните книги, потпишани со дигитален сертификат.

Ќе се обидеме да направиме и да организираме достава на изводите до домот на граѓаните. До крајот на годинава ова ќе биде одлично завршена работа во интерес на сите граѓани на Република Македонија, кои имаат потреба за услуги од матична евиденција.

Како прв човек на Управата за водење на матичните книги имате своја визија и план за работа на оваа институција. Ќе имаат ли граѓаните поефикасна, брза и компетентна матична служба?

- Секако дека секој оној кој ќе превземе одговорност за водење на ваква институција како што е Управата за водење на матичните книги има и свои идеи и амбиции за прогресот на Управата. Во иднина сметам дека најголемата енергија ќе се вложи во подигнување на професионалноста на работата на Управата за водење на матичните книги и нејзино формирање како европски сервис на граѓаните. Тие во секој момент и за краток период ќе имаат пристап до документите од матичната евиденција. Имаме планови за работа на Управата кои во иднина ќе се реализираат и од оваа институција ќе направат единствена служба во интерес на граѓаните. Но за тоа, потоа.

Даниела Маркоска Алексовска

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ