• A-
  • A
  • A+

вторник, 25 април 2017, 

Анкара од Германија повлекува шест имами осомничени за шпионажа

Анкара од Германија повлекува шест имами осомничени за шпионажа

Берлин, 17 февруари 2017 (МИА) - Турската државна агенција за верски прашања „Дијанет“ денеска објави дека од Германија повлекува шест имами поради „надминување на своите ингеренции“, но негира дека тие биле вмешани во шпионски активности по нарачка на Анкара, јави дописникот на МИА од Берлин.

Шефот на агенцијата „Дијанет“, Мехмет Гормез ги отфрла обвинувањата дека турските имами ги прекршиле законите на Германија, поради што германската полиција неделава изврши претрес во просториите каде што тие живеат и работат.

Турските имами се осомничени дека прибирале податоци за приврзаници на исламскиот проповедник Фетула Ѓулен, кој според Анкара, стои зад неуспешниот обид за воен удар лани во јули, по што ги испраќале на турските власти преку Конзулатот во Келн. 

Според Гормез, меѓу имамите кои треба да се вратат во Турција се и четворицата, чии домови ги пребаруваше германсакта полиција, а одлуката за враќање претставува знак на добра волја, со цел „да се одржи взаемната доверба меѓу Германија и Турција“.

Турските власти тврдат дека одлуката за повлекување на имамите е донесена пред претресите на германската полиција, кои, според Анкара, се „резултат на политички и медиумски притисок“.

Со околу 900 џамии во Германија раководи организацијата „Дитиб“, која е под контрола на Владата во Анкараа, имамите кои служат во нив ги именува агенцијата „Дијанет“.

Во текот на викендот за ова прашање во Берлин се очекува да разговараат германската канцеларката Ангела Меркел и турскиот премиер Бинали Јилдирим. гм/сп/15:37

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.