• A-
  • A
  • A+
вторник, 28 март 2017, 

Поддршката за членство на Македонија во ЕУ намалена на 77 отсто

Поддршката за членство на Македонија во ЕУ намалена на 77 отсто

Скопје, 17 февруари 2017 (МИА) - Повеќегодишниот опаѓачки тренд на поддршката за членство во Европската унија во Македонија продолжува и во 2016 година, но сѐ уште изнесува високи 77 проценти, покажуваат податоците од анкетата на јавното мислење спроведена од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ во соработка со фондацијата Конрад Аденауер.

Според Иван Дамјановски од Институтот за демократија, поддршката првенствено се должи на материјалните и економски очекувања на граѓаните и останува висока.

- Клучен фактор на постепениот пад на поддршката за членство во ЕУ се идентитетските импликации кои произлегуваат од спорот со Грција околу името. Не станува збор за евроскептична енергија, бидејќи ако се тргне спорот за името тогаш поддршката повторно се враќа на близу 90 проценти, изјави Дамјановски.

Според Зоран Нечев од ИДСЦС, извештајот покажува дека најголем дел од испитаниците, околу 26 проценти сметаат дека ЕУ би била најдобриот странски сојузник на Македонија, додека на второ место се наоѓа Русија со 25 отсто и на трето САД со 17,5 проценти.

- Симпатиите на граѓаните кон Русија и евентуалното нејзино продлабочено инволвирање може да има негативен ефект врз поддршката за членство во ЕУ. Еден од заклучоците кои ние ги извлековме е дека кредибилитетот на ЕУ е доведен во прашање и потребни се мерки со цел да се поврати опаѓачкиот кредибилитет на процесот на пристапување кон ЕУ, изјави Нечев.

Посочи дека интересно е тоа што постои значителна разлика помеѓу двете најголеми етнички групи во Македонија во однос на нивните перцепции за најдобар надворешен сојузник на Македонија.

- За најголемиот дел од Македониците, околу 29,9 проценти најдобар сојузник е Русија, додека за најголемиот процент Албанци тоа е ЕУ со 32,2 и САД со 28,3 отсто поддршка, изјави Нечев.

Истражувањето е спроведено со телефонска анкета на репрезентативен примерок од 1.100 испитаници во ноември 2016 година, а трендовите кои се коментираат во анализата се врзани со методолошки исто истражување спроведено во 2014 година. Податоците од истражувањата се изнесени во „Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија (2014-2016)“ и „Кредибилитетот на Европската Унија во Македонија е доведен во прашање“. аа/вг/15:55

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.