• A-
  • A
  • A+

среда, 24 мај 2017, 

Основни прашања поврзани со излегувањето на Велика Британија од ЕУ

Основни прашања поврзани со излегувањето на Велика Британија од ЕУ

Лондон, 20 март 2017 (МИА) - Британската Влада денеска соопшти дека на 29 март официјално ќе ја активира постапката за излез на Велика Британија од Европската унија.

БТА пренесува дел од анализата на Асошиејтед прес во однос на основните прашања поврзани со Брегзит.

Што претставува ЕУ и зошто Британците си заминуваат?

ЕУ е заедница од 28 држави, со релативно отворени меѓусебни граници, единствен пазар на стоки и услуги и единствена валута - евро, усвоена од 19 земји членки.

Велика Британија се приклучи на ЕУ во 1973 година, но одамна, до одреден степен е неволно член, со мноштво евроскептични политичари и новинари, кои редовно ги критикуваат регулациите наметнати од Брисел.

Поранешниот британски премиер Дејвид Камерон им понуди на избирачите референдум за членството во ЕУ и во јуни минатата година мнозинството од нив гласаа за излегување од заедницата.

Како Велика Британија го започнува процесот на излегување од ЕУ?

Британската влада ќе го активира член 50 од Лисабонскиот договор, според кој една земја членка може да го извести Европскиот совет за својата намера да ја напушти заедницата.
Известувањето ќе биде испратено преку писмо од британскиот премиер Тереза ​​Меј до претседателот на Европскиот совет Доналд Туск. Меј, исто така, ќе објави веста во парламентот.

Според член 50 од Лисабонскиот договор, две години по известувањето, договорите ќе престанат да се применуваат и Велика Британија веќе нема да биде член на ЕУ.

Кој преговара?

Од британска страна, раководна улога ќе има министерот за Брегзит Дејвид Дејвис, кој доставува извештаи до Меј. Амбасадорот на Велика Британија во ЕУ Тим Бароу, исто така, ќе игра важна улога, а Министерството за надворешни работи ќе преговара со одделни земји членки за да се обиде да добие нивна поддршка.

Од страна на ЕУ, прашањето е сложено. Британскиот институт за управување неодамна посочи дека „Британија преговара со 27 земји членки, а не со единствен блок“, пренесува БТА.

Францускиот дипломат Мишел Барние е главниот преговарач на Европската комисија. Тој ќе добива инструкции од Европскиот совет, кој ги претставува лидерите на земјите-членки.

Европскиот парламент ќе мора да го одобри конечниот договор, постигнат меѓу Велика Британија и ЕУ.

Кое е најважното прашање?

Одлуката на Велика Британија за Брегзит, значи несигурност за три милиони граѓани на ЕУ кои живеат во неа, и за еден милион британски граѓани, кои живеат во другите 27 земји-членки на Унијата. И двете страни се согласуваат дека давањето гаранции на овие граѓани дека ќе можат да останат таму каде што се, е главен приоритет.

Кои ќе бидат главните конфликти?

Првата голема битка најверојатно ќе биде за пари. Според ЕУ, Велика Британија треба да плати сериозна сметка за разделбата со Унијата - околу 60 милијарди евра за да ги покрие пензиите на вработените на заедницата и други трошоци, за Британија презела ангажман. Велика Британија не ја исклучува можноста да плати, но сигурно ќе спори за големината на износот.

Веројатно ќе има расправии и за желбата на Велика Британија да ја задржи слободната трговија со ЕУ, без да го прифати основниот принцип - за слободно движење на работниците. Велика Британија вели дека ќе наметне ограничувања врз имиграцијата и затоа ќе мора да го напушти единствениот пазар и царинската унија на заедницата.

Кога ќе заврши процесот?

Согласно член 50 од Лисабонскиот договор, Велика Британија би требало да престане да биде член на ЕУ во март 2019 година.
Преговарачите од ЕУ, сепак предупредуваат дека само решавањето на условите на разделба може да потрае две години; договарањето на нови односи меѓу Британија и ЕУ може да трае уште повеќе. Ако другите земји од заедницата се согласат, двегодишниот преговарачки период може да биде продолжен, што би ја оставило Британија во ЕУ уште некое време. Исто така е можно двете страни да се договорат за преоден период.

Можно е и Велика Британија брзо да ја напушти Унијата без постигнат договор, ако смета дека преговорите не водат никаде.

Дали Брегзит е билет во еден правец?

Британската влада инсистира дека нема да се откаже од излегувањето од ЕУ. Не е јасно дали член 50 од Лисабонскиот договор е реверзибилен, од правна гледна точка. Според поранешниот амбасадор на Велика Британија во ЕУ Џон Кер, кој го пишувал член 50, одредбата не е неповратна. - Можеш да ја промениш својата одлука се додека трае процесот, вели тој.

Со оглед на домашниот политички притисок, мала е веројатноста дека британската влада ќе се обиде да ги врати работите како што беа. ссм/16:05

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мозаик

Се продава приватниот авион на Елвис Присли

Приватниот авион кој му припаѓал на американскиот ...

Папата Франциско ја праша Меланија дали Трамп го храни со пица

Папата Франциско на сопругата на американскиот пре...

Почина сер Роџер Мур

Британскиот актер сер Роџер Мур почина денеска на ...

Во Париз украден прстен вреден три милиони евра

Двајца крадци од еден семеен дом во Париз украле п...

Зошто дождот мириса толку убаво?

Уживате во мирисот на свежината по пролетен дожд? ...