• A-
  • A
  • A+
сабота, 25 ноември 2017, 

Расправа по Ребалансот на Буџетот за 2017 во матичната собраниска Комисија

Расправа по Ребалансот на Буџетот за 2017 во матичната собраниска Комисија

Скопје, 17 јули 2017 (МИА) - Во Собранието на Република Македонија, во матичната Комисија за финансирање и буџет денеска почна расправата по предложениот Ребаланс на Буџетот за 2017 година.

Пред членовите ребалансот го образложи министерот за финансии Драган Тевдовски кој рече дека основна цел на предложениот ребаланс е да ги намали непродуктивните трошоци и да обезбеди простор за реализација на политиките на новата влада.

Вкупните приходи во првите шест месеци се 86,4 милијарди денари што е 46 отсто во однос на планираното, а расходите се 94,6 милијарди денари.

Министерот истакна дека на расходната страна сериозно намалување има кај расходите за стоки и услуги кои се скратени за 2 милијарди денари во однос на иницијалната проекција.

- Направени се кратења за службени патувања, репрезентација, економски презентации и рекламирање, рече Тевдовски.

За капиталните расходи истакна дека тие во првата половина сериозно потфрлиле и оти се реализирани 8,7 милијарди денари или 32 проценти од годишно планираното со буџетот.

Со ребалансот, како што рече,  се планирани 23,4 милијарди денари за капитални расходи и поради ниската реализација во првата половина од годината извршено е намалување кај проектите кои имаат забавена динамика на реализација. Но, сепак, смета, планираното на капитални расходи е значајно ако се спореди со реализацијата во последните четири години каде што никогаш не надминала 19 милијарди денари.

Тој во однос на преземените, а неплатени обврски од претходната власт информира дека до крајот на неделата Министерството за финансии ќе ги објави и оти во моментов се договара проект со Светска банка за „чистење“ на ваквите обврски.

Растот на економијата со ребалансот е ревидиран на 2,2 проценти за годинава, а буџетскиот дефицит е проектиран на 2,9 проценти од БДП.

За предложниот ребаланс мнозинството во расправата даде поддршка, а пратениците од опозицијата сметаат дека тој не е реформски и оти се кратат средства од капитални инвестиции за сметка на партиски вработувања.

Љиљана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека предложениот ребаланс не е реформски и оти покажува како ќе се движат економските политики на СДСМ.

- Ова не е реформски буџет бидејќи се обезбедуваат пари за плати во скоро сите агенции за чисто партиски вработувања. Се зголемуваат средства за плати во Агенцијата за разузнавање, Комисијата за заштита на конкуренција, Регулаторната комисија за домување, привремени вработувања во Владата, Министерството за одбрана, Министерството за правда. Зголемување и кај сите агенции и регулаторни тела во делот на плати. Тоа не е буџет што значи штедење и што значи реформски, рече Кузмановска. 

Според неа да се крати се што значи инфраструктура и од важност за граѓаните не оди во прилог на реформски буџет. Кузмановска рече дека не се продолжуват добрите проекти за зголемување на пензиите и социјалните надоместоци, се кратат капиталните инвестиции, се кратат средства во образованието... Го праша министерот за политиките кон странските инвеститори, за даночната политика, за дефицитот, за задолжувањата и за тоа како ќе се направи раст.

ВМРО-ДПМНЕ, како што најави, има поднесено 706 амандмани на предложениот амандман.

Министерот за финансии во реплика одговори дека ставката за платите со ребалансот е намалена за 158 милиони денари на генерално ниво, а е зголемена во Собранието за предвидени апанажи.

Посочи дека сакаат да бидат реални и затоа се поставени капиталните инвестиции на ниво од 23 милијарди денари. Додаде дека во првиот квартал не само што немало приватни инвестиции, туку забавиле и државните инвестиции и оти новата Влада има задача да направи раздвижување.

Клучно, според него, е да ги вратат капиталните инвестиции и многу посериозно да инвестираат во социјалната димензија. - Овој буџет е дизајниран да има сериозни вложувања во социјалната димензија, рече Тевдовски.

Поддршка ќе добијат и странските инвеститори. Тие, рече, се важни, но нашата политика ќе биде привлекување инвеститори кои ќе прават врски со домашните компании.

Министерот рече дека со ребалансот на буџетот не се предвидени никакви промени во даночната сфера и оти сите промени што се анализираат и планираат во Министерството за финансии планот е за време на летото до крајот на август да се презентира и да се отвори дебата.

- Генерално нашите размислувања се дека кај даноците треба да се воведе праведност што значи кога најголемиот дел од граѓаните ќе си плаќаат по истите даночни стапки што ги имаат сега. Но, неколку проценти од најбогатите ќе плаќаат со повисока маргинална стапка на дополнителниот доход, рече Тевдовски и додаде дека за мнозинството ќе остане истата даночна стапка.

Со ребалансот смета дека има сериозна поддршка за МСП, за пензискиот систем 1,2 милијарди денари, во образованието се проектирани 23 милијарди денари кои, како што рече, се многу повисоки од она што е остварено во претходните години.

Јован Митревски од СДСМ истакна дека ќе го поддржат предложениот ребаланс на буџетот.

- Овој ребаланс е специфичен прво затоа што предлагате ребаланс на буџет што го изготвувала друга влада, а за што сме зборувале многу, рече Митревски.

Тој додаде дека новина во овој ребаланс или разлика од ребалансите на минатата влада е што буџетскиот дефицит останува непроменет.

- Ребалансот не е нов буџет, тоа е негова адаптација при што приходите се сведени на реални очекувања, а дефицитот не е променет односно останува на проекцијата од 2,9, рече Митревски.

Според него намерата на Владата е да се усогласат разликите од проектираното и оствареното, но и да се овозможи реализација на политиките од програмата на новата Влада.

- Разлика од претходнтие ребаланси е тоа што има најголемо кратење кај премиерот. Тоа не се случило досега, кога имало ребаланс тие трошоци се зголемувале, рече тој. Порача Министерството за финансии да размислува на нова методологија за распределба на дотациите кон МОН, да го изнесе податокот за обврските кон стопанството и оти ќе мора да се продолжи со задолжувањето и во наредниот период бидејќи, како што рече, во спротивно државата ќе дојде во колапс.

За Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ овој ребаланс е класична козметичка измена на буџетот, со цел предизборни поени за власта.

Според него не е точно дека на расходната страна се крати висока бројка на средства, а се става на страна во интерес на граѓаните во проекти.

- Субвенционирање на минималната плата, стечајните работници, субвенционирање на РДТ и поддршка на МСП се  четирите теми на кои го базирате целиот ребаланс и со кој сакате да кажете дека кратите непродуктивни трошоци во интерес на граѓаните, рече Мукоски додавајќи дека сите тие ставки ќе чинат 14,1 милион евра, а ставките кои се кратат и се од интерес за граѓаните се 38,5 милиони евра.

Смета дека нема да се оствари предвидениот раст на БДП и дека дефицитот ќе биде повисок. 

На денешната седница се обрати и Народниот правобранител на Република Македонија Иџет Мемети кој побара од пратениците да добие средства за да се имплементира донесениот Закон за народен правобранител, а чија цел е да има појак мандат. Тој рече дека и со Буџетот за 2017 и сега со ребалансот не се предвидуваат средства. 

Поддршка на ваквиот предлог даде Реџаил Исмаили од ДУИ кој побара од пратеничките групи да поднесат амандман со кој ќе се реши проблемот.

Расправата по ребалансот во Комисијата според Деловникот трае 10 работни дена. скс/паг/15:40

###

 

 

 

 

 

 

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ