• A-
  • A
  • A+
вторник, 24 октомври 2017, 

МВР Билтен

МВР Билтен

Скопје, 7 октомври 2017 (МИА) - На улицата „Македонска Фаланга“ во Битола на 5 октомври 2017 година во 22:10 часот се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „Цитроен Берлинго“ со битолски регистарски ознаки, управувано од О. С. (42) и моторцикл „Јамаха МТ 01“ со битолски регистарски ознаки, управуван од Ѓ. С. (28), двајцата од Битола. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил Ѓ.С., кој е пренесен на КАРИЛ - Скопје и задржан на лекување, а О.С. се здобил со  телесни повреди и е задржан на понатамошно лекување во Клиничката болница во Битола. Увид на лице место извршиле Јавен обвинител и увидна екипа од СВР-Битола.

Вчера околу 12 часот во Велес на ул.„Благој Ѓорев“ се случила сообраќајна незгода во која товарно возило „Фургон Фиат Добло-Карго“ со велешки регистарски ознаки, управувано од Р. Д. (38) од Велес, удрило во пешакот Ј. Ј. (63) од Велес. По незгодата пешакот е пренесен во Јавната здравствена установа -Велес, каде од страна на лекар е констатирана тешка телесна повреда  (фрактура на десен колк) и е задржан на понатамошно лекување. Увид на лице место извршила увидна екипа од Секторот за внатрешни работи  од Велес.

Вчера во 21 часот во Скопје на ул. „Бутелска“ во аптека, непознато лице со закана со нож извршило разбојништво над вработените С. Ѓ. (57) од Скопје и Е. И. (23) од  село Љуботен, при што ги одзело парите од дневниот промет. Увидна екипа извршила увид на лице место и се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

Утринава во 1: 25 часот  во центарот на Скопје три непознати машки лица со закана со пиштол извршиле разбојништво над Н.С. (17) , Б.Д. (18) и Д.И. (18) сите од Скопје, при што им одзеле  1.240 денари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

На ул. „Борис  Сарафов“ во Скопје утринава во 1:30 часот во фирма сопственост на Џ.М. од  село Сарај,  непознат сторител  со кршење на влезната врата извршил тешка кражба, при што од еден метален сеф одзел околу 5.000 евра. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето и расчистување на случајот. 

На ул „Коце  Металец“во Скопје вчера во 13 часот во близина на паркингот на болницата „Ремедика“, избувнал пожар, при што е опожарена сува трева и нискостеблеста шума. Поради  опасност од ширење на пожарот, со возила (пајак), било  пристапено кон подигање и дислоцирање на веќе паркираните возила, со цел безбедно локализирање на пожарот. Сообраќајот бил пренасочен, а пожарот набргу е изгаснат од екипи на Бригадата за против пожарна заштита. Поради сомнение дека го предизвикал пожарот во Полициската станица од општа надлежност  Гази Баба приведен е       П. Н. (65) од Скопје . Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Вчера во 19:50 часот во Скопје, во паркот „Жена Борец“, десетина непознати лица извршиле насилство над Д. П. (21) од Скопје на тој начин што физички го нападнале удирајќи го со тупаници и клоци, по што побегнале, а Д.П. забележал дека му го нема и рачниот часовник.  За настанот известени се инспектори од Единицата за насилен криминал и се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата. 

На Граничниот премин - Табановце, вчера во 22 часот при пасошка контрола на К.И. (31) од Република Албанија на излез од Република Македонија, којшто патувал со албанска патна исправа, полицискиот службеник забележал  дека на третата страница од патната исправа има механичко бришење на штембил за влез во Република Грција. Исто така и излезниот штембил за остварен излез од Република Грција на третата страница не соодејствува со оригиналот, односно отстапувал од изгледот на оригинален штембил. К.И. е приведен и предаден во СВР-Куманово за понатамошна постапка.

Вчера во 16:50 часот на Граничниот премин -Табановце нa влез во Република Македонија, од страна на униформиран полициски службеник  приведен е С. К. (50) од Република Србија, со српска лична карта, кој пристигнал со патничко возило „Мерцедес“ со српски регистерски ознаки. При вршење на дополнителна контрола над возилото, утврдено е дека постои сомнеж за промена, односно фалсификат на ВИН бројот на „мерцедесот“. С.К. и возилото се предадени на полициски службеници  од СВР- Куманово за понатамошна постапка.      

Во Секторот за внатрешни работи  во Струмица, на 5 октомври 2017 година О. М. (35) од Струмица, пријавил дека од нивниот дом во непознат правец се оддалечила неговата сестра Ж. М. (39) од Струмица. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

Вчера околу 16 часот во Скопје на бул. „Трета  Македонска Бригада“, кај поранешна амбуланта „Пролет“, по претходно пријавено нарушување на јавен ред и мир, од страна на лица кои со товарни возила продаваат земјоделски производи, на место на настанот испратени биле полициски службеници од Полициската станица од општа надлежност Центар. При преземање на службени мерки и активности двајцата полициски службеници  физички биле нападнати од страна на лицата: Х.Р. (19), Г.В.(46), В.Р. (22), Д.Р. (24) и Р.В. (17). Напаѓачите се приведени во Полициската станица Центар за понатамошна постапка. бк/11:22

###

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ