• A-
  • A
  • A+
понеделник, 11 декември 2017, 

ЛИ 2017/ Заев: Фокусирани сме на локалните, не размислуваме за предвремени парламентарни

ЛИ 2017/ Заев: Фокусирани сме на локалните, не размислуваме за предвремени парламентарни

Штип, 7 октомври 2017 (МИА) - СДСМ се уште не размислувал и не направил анализа за тоа дали ќе побара предвремени парламентарни избори напролет доколку, по локалните избори ја освои локалната власт во повеќе општини во земјава, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев кој денеска во Штип заедно со кандидатот за градоначалник на СДСМ за општина Штип, Благој Бочварски присуствуваа на отворената дебата со граѓаните.

- Локалните избори се мошне важни, навистина општините со своите надлежности допираат до секојдневниот живот до граѓаните од многу аспекти, под општините се училиштата, детските градинки, комуналните претпријатија и многу други надлежности. За нас е многу важно промените да се заокружат тука. Штип е подготвен за промени, заради тоа што навистина она што тука се случуваше во изминатиот период не е нешто што можеме да кажеме дека би можело да биде задоволително, вели Заев.

Тој истакна дека по одржувањето на локалните избори ќе ги донесат одлуките, но како што рече Македонија треба да чекори напред, да се носи со проблемите, кои што постојат во земјава, заради перспективата на сегашните и идни генерации.

Претседателот на СДСМ, Заев истакна дека по Прилеп и Скопје Штип е првиот град во источна Македонија, каде што се организира форум на кој што граѓаните ќе дебатираат со градоначалниците.

- Ние сме убедени во пресвртот кој што во Штип ќе се случи, но сакаме да ги отвориме моментите кои што ќе бидат многу важни за граѓаните за периодот кој што претстои пред нас. Како искусен градоначалник, кој 12 години практикувал власт знам колку е важна дебатата меѓу граѓаните, вели Заев.

Тој забележа дека неколку проекти на кои е посветена централната власт се многу важни за Штип, меѓу кои и минималната плата, која ја отвори спиралата на покачување на платите.

- Ние дојдевме тука, буквално од Штип да промовираме еден ваков проект, кој е многу значаен за граѓаните. Ги отворивме и другите перспективи кои се однесуваат пред се за граѓаните. Сакам да ја искористам можноста да ги повикам штипјани пред се граѓаните со ниски примања да конкурираат на конурсот кој што трае до 31 октомври за аплицирање, за користење на годишен одмор од вкупно седум дена за работници со ниски примања. Таа можност државата ја отвори во буџетот, предвидени се пари и граѓаните со најниски примиња заслужуваат, заедно со своите семејства да поминат неколку дена и да одморат. Тие дале придонес за нашата Македонија, вели Заев.

Тој забележа дека на овој начин се поддржува и туризмот, но и е начин да се помогне на работниците со ниски примања. Тој на штипјани и на граѓаните од источна Македонија им порача дека како Влада ќе дадат и целосна поддршка за развој на универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип.

- Новата Влада ќе даде комплетно, целосна поддршка за унапредување пред се на квалитетот на образовниот процес, на стандардот на студентите овде и на севкупниот дел на организирање на академското живеење на универзитетот, вели Заев.

Кандидатот за градоначалник на СДСМ за Општина Штип, Благој Бочварски истакна дека нема намера сам да носи важни одлуки за граѓаните, туку тоа ќе го прави заедно со граѓаните на отворени дебати.

- Овие дебати се одлични да покажеме како ќе носиме одлуки во идниот период. Јас веќе остварив средби со граѓанските организации, но ги повикав и сите граѓани и членови на политички партии, но и луѓе кои не се членови на партии да ја дадат својата поддршка да го направиме Штип најубавиот град во Република Македонија, вели Бочварски.

Тој забележа дека како локална власт ќе бараат и поддршка од страна на централната власт за реализцаија на капитални проекти за Општина Штип. вдј/ац/14:27

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.