• A-
  • A
  • A+
недела, 22 октомври 2017, 

Органското производство да биде достапно за сите

Органското производство да биде достапно за сите

Скопје, 7 октомври 2017 (МИА) - Органското производство во Македонија се соочува со огромни предизвици. Се уште нема доволно знаење, ниту побарувачка за органските производи. Пазарот се сведува исклучиво на Скопје, на мал процент здравствено свесни луѓе, беше речено на денешната промоција на апликацијата „Органски пат“, што ја организираа Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ), Асоцијацијата за развојни иницијативи „Зенит“ и Здружението на агро-новинари „Медиа Плус“.

Како што изјави Васко Петрушевски, производител на органска храна во село Орешани, тенденцијата на производителите е да ја направат органската храна достапна за сите купувачи, но за тоа треба да се работи уште многу.

Во оваа насока, оцени, е неопходна поддршка од државата. Секоја пречка за да стигне органскиот производ до потрошувачот, треба да се отстрани.

- Уште сме на почеток, на самиот зародиш на органското производство. Сами се снаоѓаме за да донесеме органски семиња. Некогаш сме принудени и да ги шверцуваме од странство што не смее да се дозволи посебно ако се знае дека органското производство е стратегиска насока на земјава. Мора да се направи секој чекор, да се поддржи сертифицирањето на површините, да се земат предвид материјалите кои се користат, кои во Македонија не се достапни, нагласи Петрушевски.

Органското производство е поскапо, но не толку колку што се мисли. Обично, цената би требало да е повисока за околу 20 до 30 проценти.

Поголем проблем, потенцира Петрушевски, е достапноста на пазарот.

- Органските производи во продавниците би требало да бидат одделени од конвенционалните, да бидат спакувани соодветно и да имаат соодветни ознаки, што кај нас не е пракса. Продавниците бараат исклучиво рефус. Кога ќе дојде некој да купи органски производ, прашува по што се разликува овој, од другиот производ и тука веќе е во прашање исклучиво довербата во продавачот, рече Петрушевски.

Според него органските производи се поинакви, со поразлична форма од обичните која некогаш ги одвраќа купувачите, а и побрзо се расипуваат.

- При пакувањето на конвенционалните производи се користат хемикалии кои го продолжуваат векот на траење, дополни Петрушевски.

Во врска со апликацијата, рече дека секој линк меѓу производителите и потрошувачите е од огромно значење.

- Отсекогаш бараме начини за нови пазари и како да дојдеме во поинаков контакт со купувачите. Тука има огромни пречки, ланецот на продажба. До нас некогаш не стигнуваат крајните забелешки од потрошувачите, затоа е многу битен директниот контакт, посочи Петрушевски.

Претседателот на ОПМ Маријана Лончар нагласи дека се подготвени да учествуваат во изготвување измени или подготвување нова стратегија за органска храна.

- Ќе им помогнеме на производителите да се поврзат со потрошувачите, а планирана е и фокус група со големите ланци на супер маркети и други продавници каде органската храна треба да е поставена на видно место, повеќе да се промовира. Барме да се препознава знакот за органска храна и таа да се издвои, рече Лончар.

Апликацијата за мобилни телефони „Органски пат“ што беше промовирана во рамки на т.н. Зелена недела која се одбележува интернационално, има за цел поттикнување на граѓаните да купуваат повеќе органска храна, а со тоа и произодителите да ја зголемат продукцијата. мч/ац/15:08

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.