• A-
  • A
  • A+
четврток, 19 октомври 2017, 

ЛИ2017/Двајца од тројцата кандидати за градоначалник на Охрид потпишаа обврска за соработка со граѓанските организации

ЛИ2017/Двајца од тројцата кандидати за градоначалник на Охрид потпишаа обврска за соработка со граѓанските организации

Охрид, 7 октомври 2017 (МИА) – Во рамки на проектот „Денот потоа – Локални избори“ што го спроведува Канцеларијата на Фондацијата „Фридрих Еберт“ денеска во Охрид кандидатите за градоначалници Јован Стојаноски од СДСМ и независниот Стевче Стевовски потпишаа обврска со која се залагаат дека ќе соработуваат со граѓанските организации доколку ја добијат довербата од граѓаните.

Во документот што го парафираа сублимирани се десет барања на невладини и граѓански организации што делуваат во општина Охрид, за унапредување на состојбите во утврдени општествено, социо-економски и политички области на локално ниво.

- Посебно ми е драго што на еден ваков формален начин склучивме договор за соработка со граѓанскиот сектор. Ние како СДСМ и досега сме ги поддржувале барањата на граѓанскиот сектор и секако дека таа соработка ќе продолжи и во иднина. Ви благодарам за испорачаните барања кои се наведени во овој документ затоа што тие се реални. Ве повикувам заедно во наредниот четиригодишен период да работиме на изнаоѓање на решенијата на овие барања, изјави после потпишувањето  кандидатот на СДСМ Стојаноски.

На потпишувањата не присуствуваше кандидатот на ВМРО ДПМНЕ Митко Тилевски. Од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ се огласија со соопштение во кое се наведува дека нивниот кандидат воопшто не бил поканет на потпишувањето на обврската за соработка со граѓанските организации.

Тие сметаат дека тоа е или последица на проопуст во организацијата или намерно изостанување од настанот, за што побараа јавно извинување од организаторите.

-Новата Локална самоуправа предводена од Митко Тилевски секогаш ќе биде со поддршка за граѓанските организации и без потпишувањето во рамките на проектот ,,Денот потоа - локални избори" реализиран од фондацијата „Фридрих Еберт“, стои во соопштението од канцеларијата на ВМРО-ДПМНЕ. аб/бк/16:18

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ