• A-
  • A
  • A+
петок, 24 ноември 2017, 

Саудиска Арабија објави војна на Либан, тврди лидерот на Хезболах

Саудиска Арабија објави војна на Либан, тврди лидерот на Хезболах

Бејрут, 10 ноември 2017 (МИА) Лидерот на Хезболах Саед Хасан Насралах денеска изјави дека Саудиска Арабија им објавила војна на Либан и Хезболах и рече дека либанскиот премиер Саад ал Харири, кој поднесе оставка за време на престојот во Ријад, е задржан во кралството.

Во телевизиското обраќање, Насралах истакна дека оставката на Харири била „саудиска интервенција“ во либанската политика.

Лидерот на либанското движење Хезболах изјави дека Харири е притворен во Саудиска Арабија и оти неговата „принудна“ оставка е неуставна, бидејќи била донесена „под притисок“.

Насралах денеска од Бејрут рече дека е сигурен дека Харири бил принуден да даде оставка и оти тоа, според него, е дел од политиката на Саудиска Арабија за предизвикување секташки тензии во Либан.

Насралах истакна дека либанската Влада и натаму е легитимна и оти не поднела оставка.

- Прогласуваме дека премиерот на Либан не дал оставка, изјави Насралах и додаде дека во Либан „владеела стабилност без преседан во изминатите години“.

Тој, исто така, оцени дека американскиот претседател Доналд Трамп сигурно знаел за плановите Харири да се принуди на оставка. Американски функционери одбиваат да го коментираат статусот на Харири.

Портпаролката на Стејт департментот Хедер Нојерт изјави дека Крис Хензел, американскиот вршител на должност во Ријад, се сретнал со Харири во средата, но одби да каже повеќе детали за средбата или за статусот на Харири.

- Разговорите беа чувствителни, приватни и дипломатски. Сите го видовме. Ако е прашањето за тоа дали е задржан или за темата на разговорите меѓу Саудиска Арабија и премиерот Харири, ќе ве упатам на властите на Саудиска Арабија, како и на канцеларијата на Харири, истакна таа.

Харири неочекувано најави дека поднесува оставка за време на посетата на Саудиска Арабија, како и дека нема да се врати во Либан бидејќи стравува за својот живот по заканите примени од шиитската група Хезболах и нивниот поддржувач Иран. Начинот на кој Харири ја поднесе оставката отвори прашања дали тој можеби е заробеник на Саудиска Арабија, во која во тек е масовно апсење на принцови и политички функционери спротиставени на престолонаследникот Мухамед бин Салман.

Ненадејната оставка на Харири, прочитана на телевизија од Саудиска Арабија, го втурна Либан во длабока политичка криза и ја стави земјата во средина на регионалниот конфликт меѓу Саудиска Арабија и Иран.

Во говорот за оставката, Харири ги обвини Иран и либанската шиитска организација Хезболах за сеење раздор во арапскиот свет и рече дека стравува од атентат. Неговиот татко, политичкиот ветеран Рафик Харири, кој е исто така поранешен премиер, беше убиен во бомбашки напад во 2005 година.

Харири дојде на власт минатата година, по коалицискиот договор со повеќето либански политички партии, меѓу кои и со Хезболах. Според тој договор, христијанскиот политичар Мишел Аун, кој е сојузник на Хезболах, стана претседател на Либан. ссм/зш/18:49

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.