• A-
  • A
  • A+
петок, 31 март 2017, 

Работилница за производство на биогорива од втората генерација

Скопје, 20 ноември 2013 (МИА) - Македонија има обврска до 2020 година 28 отсто од потребите за енергија да ги задоволува од обновливи извори на енергија, а воедно и во вкупниот транспорт да користи минимум 10 отсто биогорива.

Ова беше истакнато на Националната работилница за унапредување и развој на локалната економија преку производство на биогорива и рурални иновации, што денеска се одржа во Скопје во организација на Централно европската иницијатива (Central European Initiative), Регионалниот Совет за соработка (Regional Cooperation Council) и Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).

Целта на работилницата, што се одржува во рамки на ЕУ проектот „Унапредување на соработката во Југоисточна Европа со помош на активности за зајакнување на Регионалниот совет за соработка (RCC)“, е изработка на заеднички регионални проекти од областа на обновливите извори на енергија со специјален акцент на биогоривата.

- ФЕИТ веќе сработи еден проект за производство на биодзел од семиња на тутун. Факултетот го изврши истражувачкиот дел од проектот, а развојниот дел го направи приватната компанија Веда, која воедно беше и финансиер на проектот. Работиме и на проект со „Политехнико ди Торино“ за добивање на биогас и производство  на биоенергија, електрична и топлинска, од отпад, изјави проф. д-р Христина Спасевска, национален експерт на Регионалната иницијатива за енергетски одржлив развој на паузата на работилницата.

Консултантот Мирослав Спасојевиќ појасни дека  станува збор за биогорива од втората генерација кои за разлика од биогоривата кои се произведуваа од храна ќе се произведуваат од отпадоци со што нема да влијаат на зголемување на цената на храната.

- Во регионот имаме две можности, или да развиваме капацитети за производство на биогорива од втората генерација и на тој начин да отвориме нови работни места и да ги задржиме луѓето во селата, или, пак, да станеме земји увозници на биогорива и да бидеме енергетски зависни, рече Спасојевиќ.

Тој посочи дека производството на биогоривата од втората генерација е технолошки и хемиски покомплицирано во однос на биогоривата од првата генерација.

- Но, со соодветна технологија за производство на биогориво од отпадоци од пченка, пченица и дрво ќе се постигне поевтинување на скапото производство заради нус продуктите кои се ослободуваат, а кои можат да се користат во хемиската и фармацевтската индустрија и се поприлично скапи, потенцира Спасојевиќ. 

Мирослав Кукобат, експерт за енергетика и инфраструктура во Регионалниот Совет рече дека Македонија и регионот имаат значајни потенцијали за производство на биогорива од новата генерација.

- Македонија сопоред проценките во моментов 22 отсто од потребите за енергија ги задоволува од обновливи извори на енергија. Сепак не е воопшто лесно да го постигне бараниот процент од 28 отсто заради значајните средства што треба да се вложат во новата технологија, нагласи Кукобат. вј/са/14:10

 

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ