• A-
  • A
  • A+
вторник, 24 октомври 2017, 

ЛИ2017/ Поенти од митинзи: Заев - Правда ќе има во Македонија, Груевски - СДСМ води политика на флоскули

ЛИ2017/ Поенти од митинзи: Заев - Правда ќе има во Македонија, Груевски - СДСМ води политика на флоскули

Скопје, 7 октомври 2017 (МИА) - Различни пораки и барања за поддршка до граѓаните упатија и на вчерашните митинзи лидерите на политичките партии, за претстојните локални избори.

- Македонија тргна по нов демократски пат, кон правдата и правото. Правда во Македонија ќе има. Секој што се огрешил, ќе одговара. Правда ќе има и тоа е моето најсилно ветување. Мора да има одговорност, давам збор, а зборот е збор,  порача од митингот во Кичево лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Делбите не не водат никаде. Само заедно, од сите етнички заедници, сплотени, можеме да живееме. Нашата перспектива е во нашата различност. Доста не лажеа етнички, заврши тоа време. Ако ги отстраниме етничките проблеми, ќе можеме да се посветиме на вистинските - економијата, новите вработувања, инвестициите, рече лидерот на СДСМ.

- Криминалци шират лаги. Отворено му кажувам на Груевски, работиме спротивно од она што тие го работеа. Митинзите му се празни зашто бродот што тоне сите го напуштаат, но да зборуваме за перспективите зашто лакомствтоо, лажењето и крадењето, како што рекол Јоаким Крчовски, се најголемите гревови, порача Заев од Кичево.

Груевски од митинзите на ВМРО-ДПМНЕ во Крушево и Прилеп ги упати следните пораки:

- Економијата оди надолу. Многу сериозно истакнувам и така сакам да бидам сфатен, дека овие штетни економски политики водат кон сериозни ризици и далекусежни последици и затоа мора да запрат и тоа што побргу, истакна Груевски во Крушево.

- Ние зборуваме за тоа што ќе постигнеме. Ние зборуваме за тоа што ќе создадеме. Ние имаме проекти за Македонија. Ние имаме визија за Македонија. Ние имаме решенија за Македонија. Ние ја нудиме новата ера. Новата ера во која нема да има неасфалтирана и неосветлена улица, новата ера каде имаме парк во секое маало, порача Груевски во Крушево.

СДСМ води политика на флоскули и празни зборови и не нуди идеи или решенија за подобар живот, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ која има јасно дефинирана и добро промислена визија, посочи Груевски од Прилеп.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети на митингот во Сарај ја упати следната порака:

Република Македонија нема друга алтернатива освен соработка меѓу двете најголеми заедници - Албанци и Македонци. Само на овој начин, заедно можеме да бидеме сигурни во чекорите што не очекуваат, рече лидерот на ДУИ Али Ахмети.

- Мораме да гледаме напред и да ја свртиме главата кон иднината, да ги оставиме зад нас лошите работи, но не и да ги заборавиме зашто, заборавајќи го минатото не знаеме да ја градиме иднината, порача Ахмети од Сарај. нд/ац/09:22

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.