Обичаи и верувања

12 јуни 2018 (МИА)

Народни верувања од село Џепиште, Дебарско 

Секоја куќа во вртот сеела босилек. Се верува дека босилекот е Божји цвет, па затоа со него се китат домашните и црковните икони како и умрените и нивните гробови. 
Во куќата кога се мети со метла, ако некој се допре до метлата, тој плукнува на метлата три пати.
Ако некој некого во одењето го прескокне, се враќа назад да го „отскочи“. Ова го прават зашто веруваат оти оној што е допрен со метла или прескокнат нема да расте.
Ако некоја стара жена урочи некого, од неа треба да се скине парче од облеката и веднаш да се запали.
Ако на куќата застане буф, се смета дека некој во таа куќа ќе умре и затоа бувот штом се забележи се брка.
Кога ќе дојде страчка пред куќата, се верува дека ќе дојдат гости во куќата.
Никако не треба да се споменува ѓаволот и врагот, а кога некој случајно ќе го спомене веднаш треба да се поплука и да рече: -Подалеку од нас!
Кога на човек ќе застане коњска мува, се верува дека ќе добие писмо од некој пријател. Ако човек ика се верува дека некаде него го спомнуваат.
Ако кокошка запее како петел, веднаш треба да се заколи, затоа што тоа е лош знак за фамилијата.
Кокошка ако снеси многу мало јајце, тоа веднаш треба да се скрши на некоја раскрсница, зашто се верува дека е лош знак.
Кога се пие вода не треба човекот да го вознемируваат, оти тоа е греота да се прави.
Ако на окото на горниот капак рефлексивно има движење, се верува дека нешто лошо ќе се случи.
Кога некој оди со еднас нога обиуена, а другата боса, се верува дека ќе му умре жената.
Џепиштани за да не урочат некого или нешто го употребуваат зборот „машала“. Се вели, машала детево порастило. Машала ченкана е уба. Машала вимето на кравана е големо.
Во Џепишта се одржува една традиција на давање „мужде“.
Мужде се дава на оној што прв ќе јави за некоја пријатна вест (раѓање на дете, свршувачка,враќање од печалба, враќање од војска и др.).

Од книгата „Џепишта“ од Методија Новковски, Скопје 2005. (Подготви Марко Китевски)

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ