Обичаи и верувања

24 јуни 2018 (МИА)

Свети апостоли Вартоломеј и Варнава (Вртолум)

Ден кога се врти Сонцето 

Во народното верување посебно важен празник се смета Вртолум, денот кога Сонцето се врти кон зима. Се верува дека тоа е тежок празник кога не се работи.

Меѓу празниците од овој период од годината посебно важно место има празникот на светите маченици Вартоломеј и Варнава, во народот познат под името Вртолум, што се празнува на 24 јуни според новиот, односно на 11 јуни според стариот календар. Во некои наши краишта овој ден се смета за тежок празник поради што не се работи никаква работа. Овој ден народот го поврзува со вртењето на Сонцето. Имено, се верува дека на овој ден Сонцето се врти кон зима. Многумина дури верувале дека тоа е видливо, поради што гледале во Сонцето за да виделе кога тоа ќе застанело и ќе се завртело.
Житието сведочи дека светиот апостол Вартоломеј е еден од дванаесетте славни Христови апостоли. Поради проповедање на Христовата вера бил распнат на крст со главата надолу, но се спасил затоа што во тоа време настанал голем земјотрес во кој загинале тие што го мачеле, како судиите така многу народ, а тој останал неповреден. Тоа се сметало за Божја казна кон оние што го клеветеле и што го суделе. Евангелието го проповедал во Индија, каде што го превел на тамошен јазик Евангелието по Матеј. Потоа се вратил во Ерменија каде што од завист поради тоа што ја излекувал царската ќерка од лудило е распнат на крст, одрана му е кожата и отсечена му е главата. Неговиот спомен се празнува на 24 јуни, заедно со споменот на светиот апостол Варнава.
Светиот апостол Варнава (Јосиф), од Кипар, пак, е еден од седумдесетте Христови апостоли. Првото име му било Јосиф, а Варнава е наречен подоцна. На околината оставал впечаток со тоа што ги тешел луѓето, а Варнава значело Син на утеха. Христијанската вера ја ширел и Евенгелието го проповедал заедно со апостолите Марко и Павел во Антиохија, Рим и Милано. Настрадал на Кипар од Евреите и бил погребан од Марко заедно со Евангелието по Матеј, коешто за време на животот го препишал на рака.
Меѓутоа, кај нашиот народ овој ден е поврзан со верувањата за вртењето на времето од лето кон зима и со вртењето на Сонцето. Така дошло и до адаптирање на името Вртолом. Како што запишал Ефтим Спространов во Охридско празникот Свети Вартоломеј бил познат како Вртолум и од тој ден Сонцето се свртвело кон зима и за тоа многу жалело. Го вртеле дванаесетте апостоли, и тие, исто така, многу жалеле зашто се завртувало кон зима.
Во Радовиш, како што запишала Зорка Делиниколова, овој ден се сметал за тежок празник зашто од тој ден Сонцето се завртувало кон зима. Во овој крај луѓето станувале рано пред сонце за да го видат како ќе изгрее, како ќе се затемни и ќе се заврти. Се завртувало еднаш на едната, потоа на другата страна. Овде според овој ден и овчарите прогнозирале какво ќе биди времето. Го набљудувале 12 часа и секој час одговарал на еден месец во годината. На поискусните овчари не само Сонцето туку и некои други знаци им помагале во прогнозирањето на времето. Така на пр. тие внимавале и на ветерот, од каде дува и со која силина, колку има облаци на небото, со која боја се и кон каде се движат, дали сонцето пече посилно или послабо и сл. и сето тоа го бележеле на своите овчарски стапови. Потоа, по овие знаци претскажувале какво ќе биде времето во секој месец, каква ќе биде зимата, какво летото и другите годишни времиња.
Во Гевгелиско, според записите на Стефан Тановиќ, на овој ден не се работело поради оган и град. Се велело дека Сонцето се завртувало кон југ, дека до тој ден се приближувало кон земјата, а од тој ден се оддалечувало, дека дотогаш денот наголемувал, а оттогаш намалувал итн. Поради тоа по Св. Вартоломеј ништо не се сеело зашто немало да никне. И во Кумановско, по Вртолум не саделе лук, кромид, зелка и др. зашто не ќе врзеле глави, немало време да зреат, зашто времето се вртело кон зима.
Кузман Шапкарев запишал дека на Вртолом не се работело зашто се вртеле небото и Сонцето, па можело да има виулици. Шапкарев забележал едно предание во кое се раскажува дека еднаш на овој ден некој чифликсајбија ги терал своите момоци да ораат, „а тие пак, бидејќи не сакале му одговориле: ʼАго, денеска не се ора, денеска е Вртолом!ʼ Турчинот бидејќи не се грижел многу за каурскиот празник, насилно ги принудил момоците да ораат велејќи им презриво: ʼАјде орајте вие, вʼртʼр, тʼртʼр не знам јасʼ. Селаните се разбира не можеле веќе да се спротивставуваат на агата и, сакале не сакале, ги впрегнале воловите и почнале да ораат. Но, о чудо! Веднаш по заорувањето се случило да завее толку силен ветар и завеале такви силни виулици, та не останале ниту орачи, ниту волови, ниту плуг, ‒ се вртел плугот сосе волови во круг и удирале од земјата... Од тогаш Турчинот не само што не ги принудувал момоците да ораат на Вртолом, туку уште пред еден месец прашувал: ʼКога е бре, синко, тој врти удри?ʼ За да не се случи да ораат по погрешка, та да настрадаат сите“.
Дека народот го држел како празник кога не се работело за од невреме сведочи и едно кажување од селото Мрзен Ораовец. „На Вртолум обично не одиме на работа. Но еднаш бидејќи имавме многу за жетва, се излагавме па отидовме да жниеме во Грамаѓе. Попладне издувна таква бура, што сите полози ни ги однесе, дури и тавичката од ручекот. Колку што паметам не се случило на Вртолум да не издувне бура во вид на вртеж кој носи сè пред себе.“
Во Дебарца (Охридско) на Вртолом голем собир се правел во месноста Сливовски Анови каде што се собирал народ не само од Дебарца, туку и од Копачијата, од Кичевско, Дебарско, Струшко и други места.
Очигледно една природна појава што имала значење во животот на нашиот човек, била причина за мешање на некои христијански елементи со постари слоеви на народната култура. (Подготви Марко Китевски)

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ