• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

Обичаи и верувања

28 мај 2018 (МИА)

Свети Ахил Лариски 

Охридската архиепископија силно поврзана со култот на Свети Ахил 

Царот Самоил сакал во својата црква да има мошти на истакнат светител од првите векови на христијанството чиј култ бил раширен на поширок простор. Поради тоа од Лариса на островот во Преспанското Езеро ги пренесол моштите на св. Ахил Лариски.

Именден празнуваат: Ахил...

Во преспанскиот крај, но и во други краишта на Македонија сè уште е жив споменот и култот на свети Ахил епископ Лариски. Тој култ особено бил раширен по пренесувањето на моштите на светецот од страна на царот Самуил во неговата престолнина, на островот во Преспанското Езеро, кој поради името на светителот подоцна го добил името Свети Ахил односно Аил. Истражувачите на оваа проблематика истакнуваат дека „по пренесувањето на моштите на Ахил Лариски од страна на царот Самоил во неговата преспанска престолнина, било создадено секундарно, но мошне силно жариште на неговиот култ во Македонија“.
Преподобен Ахил бил роден во Кападокија од чесни родители кои уште од детството го воспитувале во христијански дух. Ја изучувал филозофијата, а длабоко проникнал и во внатрешната духовна филозофија. Поради неговите човечки вредности бил поставен за епископ Лариски, и во тоа својство учествувал на Првиот вселенски собор во Никеја во 325 година, на кој со своето знаење но и со својата принципиелност и со својата светост ги засрамил еретиците и придонесол за победа на вистинските христијански принципи.
Неговото житие сведочи дека, на овој за христијанството важен собир, свети Ахил зел камен и на еретиците Ариевци им се обратил со зборовите: „Ако Христос е создаден од Бога, како што велите вие, од овој камен нека потече елеј!“ На тоа еретиците молчеле и се чуделе. Тогаш светителот рекол: „А ако е син Божји, еднаков на Таткото, како што веруваме ние, нека потече елеј од овој камен“. И навистина од каменот потекол елеј, на изненадување на сите присутни. Кога се вратил од Никеја св. Ахил ги урнал сите храмови на идолите и изградил многу цркви. Направил и многу чуда. Умрел како епископ Лариски околу 330 година.
Според тогашните традиции, кога сите стари афтокефални цркви своето потекло го врзувале за некоја од истакнатите личности на христијанскиот живот, апостол, учесник на вселенски собири, истакнат светител итн., и царот Самоил сакал во својата црква да има мошти на истакнат светител од првите векови на христијанството чиј култ бил раширен на поширок простор. Иако на овој простор од Македонија веќе ги имал моштите на светите Климент и Наум Охридски-чудотворци, во тоа време нивниот култ немал такви димензии како подоцна поради што царот Самоил се определил за моштите на свети Ахил, кој важел за заштитник на Лариса, но и на цела Тесалија, кој како учесник на Првиот вселенски собир но и како современик на славниот цар Константин имал пошироко раширен култ. Според историските сведоштва царот Самоил ја освоил Лариса во 985 или 986 година. Со пренесувањето на моштите на светецот од Лариса на островот во Преспанското Еезеро и со изградбата на голема црква што имала улога на соборна црква (меѓу народот останала позната како „Голема црква“) и што го носела неговото име, исто така изградена од царот Самоил, неговиот култ се проширил не само во Преспанско, туку и во Костурско и во други краишта на Македонија.
Празникот на св. Ахил се празнува на 15 мај (с.с.) и овој ден имал важна улога во животот на Охридската архиепископија. Иако седиштето на црквата се наоѓало во Охрид, нејзиниот синод често заседавал во црквата „Св. Ахилеј“ на истоимениот остров и тоа во мај (во пролет), водејќи сметка синодските седници да завршат до 15 мај ‒ празникот на Св. Ахилеј.
Пред да бидат пренесени моштите на св. Ахил на островот, тој се викал Преспа, подоцна го добил името на светителот, а на островот имало и село што го носело името Ахил (Аил). По победата на византиската војска над Самоуловата и по распаѓањето на Самоиловото царство, Василиј Втори на островот му ставил име Костанција, но тоа не можело да се зацврсти пред силниот култ на св. Ахил, така што островот пак си го задржал името на светителот.
Дека култот на свети Ахил бил силен во овој дел на Македонија зборува и присуството на неговиот лик во повеќе цркви. Така на пр. тој има значајно место во црквата „Св. Ѓорѓи“ во с. Курбиново, во костурската црква „Св. Врачи“, во црквата „Св. Никола“ ‒ манастир во Мариово, во црквата „Св. Никола“ во с. Псача, во црквата во Старо Нагоричане, во „Св. Никола Болнички“, во црквата на манастирот на Св. Наум и други цркви во Охрид како и на други места во Македонија, но и во Србија, Грција и пошироко, што зборува за неговиот необично широко распространет култ. (Подготви Марко Китевски)

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ