Oбичаи и верувања

20 јули 2018

Света маченица Недела (Кириакија)

Светата маченица Недела е родена во Мала Азија, во местото Никодимија, престолнината на римскиот император Диоклецијан, големиот прогонувач на христијаните. Родена е во недела, поради што добила и такво име (на грчки недела се вика кириакија). Ќерка е на Доротеј и Евсевија кои долго немале деца и Недела ја добиле по долги и искрени молитви. Била воспитувана во христијански дух, поради што уште од детството била посветена на Бога. Подоцна пораснала во убава девојка што ја сакале многу момчиња. Но таа сите ги одбивала, изјавувајќи дека е решена да остане девица и да се посвети на својот Бог, Исус Христос. Кога одбила и едно богато момче, тоа навредено ја наклеветило кај царот Диоклецијан за исповедање на христијанството. Според едно предание таа ја одбила понудата и на царскиот син изјавувајќи: „Јас се свршив за Синот на царот на царевите“. Притоа за истата дејност било наклеветено и целото нејзино семејство.
Најпрвин настрадале нејзините родители, а потоа Недела била мачена на најсуров начин, била влечена, тепана со воловски жили, сечена по телото, ја фрлале на клада, ѝ пуштале диви ѕверови итн. Но сето тоа било залудно зашто Исус Христос секогаш после мачењето ѝ ги исцелувал раните. А кога изјавила „За мене живот е да умрам за Христа“, била осудена да биде исечена со меч. Пред да биде погубена ѝ дозволиле да се помоли на Господа, а кога тоа го направила ја предала душата пред мечот да падне врз нејзиниот врат. Тоа се случило во родниот град Никодимија на 7 јули 289 година, кога имала само 22 години.
Празникот на светата маченица Недела се паѓа во летниот период, во време на жетвата и другите полски работи. Во некои краишта, како на пр. во Дебарца, Охридско) празникот се вика Стара Недела, се смета за мајка на неделите и поради тоа за најтежок празник, се верува дека Божјата казна ќе го стигне секој што ќе работи на овој ден како што се пее и во песната забележана во овој крај:
Кочо на чардак седеше,
Цигаре тутун пиеше,
И на сестра му велеше:
‒ Елено, сестро, Елено,
оди речи е Невене, 
утре е празник големо,
голема Стара Недела, 
Кочо ќе одит на дрва,
Невена да ојт на трески!
Кочо отиде на дрва,
Невена отиде на трески,
Кочо си нога пресече,
Невена змија изеде.
Кочо го клале пред црква,
Невена ја клале зад црква.
Кочо изникна трендафил,
Невена изникна лозница. 
Вишиле што ми вишиле,
црквата е надвишиле,
и двата се прегрнале.
Очигледно е дека неделата како ден во седмицата, но и светата маченица Недела оставиле трага во животот на нашиот народ. Поголем број цркви во Македонија се посветени на светата маченица Недела, но и многу извори со лековити води, исто така се поврзани со името на оваа светица (Неделечка вода). (Подготви Марко Китевски)

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ