• A-
  • A
  • A+
вторник, 18 септември 2018, 

Обичаи и верувања

4 август 2018

Света Марија Магдалина – Блажена Марија 

Прва благовесница на Христовото воскресение 

Бидејќи според заслугите во одбраната на христијанството е рамна на апостолите Марија Магдалена е наречена рамноапостолна. Таа е родена во Сирија во близината на градот Магдала, поради што е наречена Магдалина. Во младоста била грешница, од што на прав пат ја извел Исус, а таа оттогаш станала негова верна ученичка. Во Светото евангелие според Марко се вели дека Исус од неа истерал седум бесови и целосно ја изцелил од болеста од која страдала: „А Исус кога воскресна во првиот ден од седмицата, ѝ се јави најпрвин на Марија Магдалина, од која беше истерал седум демони“. (Марко 16:9)
Присуствувала на поважните моменти од неговиот живот особено последните денови, присуствувала на распнувањето на Голгота и страдала заедно со мајка му Богородица. Видела и кога го положиле во гробот. По воскреснувањето Исус најпрвин ѝ се јавил нејзе. По Воскресението со Пресвета Богородица и со апостолите живеела во постојана молитва и била сведок на првите успеси на христијанското учење во Еруалим.
Потоа пристигнала во Рим и на царот Тибериј подавајќи му црвено јајце му ја соопштила веста за Христовата судбина и за воскреснувањето. Му се обратила со зборовите: „Христос воскресе“, и со тоа му соопштила за распнувањето и воскреснувањето на Исус. Во исто време го обвинила Понтије Пилат дека иако можел не го заштитил праведниот Исус. Тоа било причина царот да го повлече Пилат и да го испрати по казна на служба во Алипите каде што во царска немилост го завршил животот. По овој пример останал обичај христијаните да си подаруваат црвени јајца и да си го честитаат празникот Велигден со зборовите „Христос воскресе“.
Подоцна Марија Магдалина дошла во Ефес каде што му помагала на Јован Богослов во проповедањето на Христовата вера. Тука и умрела, и била погребана, а подоцна во 5 век нејзините мошти од Ефес биле пренесени во Цариград. Светата Христова црква споменот на нејзиното име го празнува на 4 август според новиот, односно на 22 јули според стариот календар. (Подготви Марко Китевски)

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ