Обичаи и верувања

5 септември 2018

Легенди од Тиквешијата 

Легендата за тапаните во градот Тиквеш. 
Се раскажува и денес: името Тиквеш и Тиквешија не им е непознато на сите кои ги интересира историјата. Зад тоа име се крие една голема област во централна Македонија пресечена од двете историски реки: Вардар и Црна – и со чисто македонско население и Помаци- насилно потурчени пред 350 години. Тоа население живее во двата града: Кавадарци и Неготино и во 96 села. Град со име Тиквеш нема. Тој постоел, пред доаѓањето на Турците, и според легендата, Тиквеш бил освоен по три месеци откако било покорено целото Западно царство. Тиквеш бил утврден со ѕидови и кули, чии остатоци постојат и денес. При навлегувањето на Турците, Тиквешани се бореле дури до Јуручка планина, близу до градот Радовиш. Но откако биле разбиени од силната турска армија војската која останала се вратила во тврдината Тиквеш и оттаму ги одбивала сите турски напади. Со големи воени сили Турците го опколиле градот Тиквеш и одвреме-навреме праќале преговарачи за да ги повикаат Тиквешани да се предадат. На тие предлози Тиквешани одговарале со презир и со оружје. За да ги залажат Турците, тиквешани на големите струења на ветерот поставиле тапани, така што од ветерот тапаните биеле и на тој начин кај Турците се создавал впечаток дека Тиквешани и дење и ноќе се веселат и не планираат да се предадат. Во таква состојба Тиквеш се наоѓал повеќе од три месеци. Тапаните непрестано биеле, а за тоа време населението умирало од глад. На крај преживеаната баба Ружа им ја отворила една под помалите порти на градот и им го предала на Турците, убедувајќи ги дека во градот нема жива душа освен неа. Бесни и навредени од итроста на Тиквешани, Турците навлегуваат во Тиквеш, грабаат се што е вредно, а градот го палат и тој гори до темел.
Населението од другите села, откако разбрале дека баба Ружа го предала градот за да се одмаздат и да се исмејат и го дале прекарот Бружа. Заклучокот од таа легенда која е пренесувана од поколение на поколение, е дека ако не беше предавството на баба Ружа – Бружа, градот Тиквеш ќе се зачуваше до денес и тапаните до ден-денешен ќе биеја...
На северниот крај на градот Тиквеш се нашало селото Брушани, кое според легендата името го добило по баба Бружа, која била погребана на местото каде што е сега селото. Градот Тиквеш веќе не постои, но сега името Тиквешија го носи целиот тој крај. 
Постанок на градот – легенда и вистина
На почетокот на 19 век фамилијата Синановци започнала во Кавадарци од своите редови да ги дава ајаните. Тогашното старо џаде за прилеп (кое што од Марена преку Дукена под Мал Љубаш водело во долината на реката Црна, кај Возарци), го свртуваат преку Кавадарци. Со тоа Кавадарци покрај управно седиште станал и патен центар. Првиот ајан бил Хаџи Хусеин – бег, него го наследил неговиот син Таип-бег во чие време е извршена админмистративната реформа во Турција: ајаните се укинати, а Кавадарци и понатаму останало управен центар на Тиквеш. Тој бил не само под влијание на Синановци, туку и на другите значајни беговски фамилии, кои настојувале ова место да постане касаба. А како касаба Кавадарци започнало забрзано стопански да се развива уште од времето на првиот ајан.
Првите зачетоци на градското стопанство го донесле Симичијовци, кои заедно со Грковци во почетокот на 19 век поради зулумите од Али-паша избегале од Јанина, првите од Чебелово, вторите од Сачиште. Тие биле први дуќанџии и отвориле трговија. Со нив рамо до рамо тргувале Бакаловци од Ваташа, од кои Јано бакалот држел дуќан и тука во Ваташа (Ваташа уште во старо време било развиено градско стопанство). Конакот се наоѓал во Синановското маало, каде што престојувал ајанот, со ќатипи и со сејмени (сејмените најчесто биле Тоски) и управувал со областа.
Симичијовци заедно со останатите првенци во градот изградиле куќи со трговски и занаетчиски дуќани во Средно маало, помеѓу старото Хасковско маало и полјаната Пладниште. На ова место Хаџи Таир-ага и неговиот син, ајанот Хаџи Хусин-бег изградиле саат кула, медреса и теќе. Така бил направен чаршиски центар, кој долго време бил центар на животот во градот. На полјаната Пладниште каде што поминувало џадето, муслиманите од семејството Халовци на сопствената нива изградиле голем ан од борови и дабови греди, донесени од Љуваш. Халовскиот ан го држеле Власи од Крушево.
Со првите христијански еснафи доаѓале и други Христијани, новодојдени доселеници, или ослободени измеќари, како и чифчии од беглукот во Кулевското, Хасковото и Синановото маало. Меѓутоа, како што муслиманите се повеќе се доселувале во Средното маало, околу саат-кулата, медресата и теќето, Христијаните се повеќе тежнееле да основаат своја населба. За таа цел Халовци ја поделиле својата нива што се наоѓала на Пладништето, која го зафаќала целото сегашно Чаршиско маало и започнале да ја продават на Христијаните. На Халовските ниви први куќи изградиле Мијајлевци, кои порано биле чифчии кај Муртезанчевци, после нив Велковци, коишто во 1823 година избегале од Бистренци, а подоцна се доселиле и други. И така околу Пладништето помеѓу старите беглуци започнал да се формира еден нов христијански крај, во кој ќе се развие чаршијата, по што тој дел ќе биде наречен Чаршиско маало.
Во 1837 година Кавадарци се регистрира како значајно гратче на Битолскиот пашалак во кој управува ајанот Исмаил, кој има селамлук за гости; населбата се простира на двете страни на реката и брои две-три илјади жители.
Иако значајно гратче Кавадарци во тоа време по трговија и занаетчиство не можело да се мери во Ваташа, а камоли со Неготино, коешто покрај бизнисот, имало и неделен пазар. Кавадарци бил од големо значење повеќе како управно место на областа, потоа како населба со поголем број жители, а особено се истакнувале убавите и раскопни беговски конаци. Поради доминантниот број муслиманско население и тогашниот начин на стопанисување (афионот сеуште не се произведувал на овие простори), потоа поради лошата сообраќајна комуникација, во Кавадарци, градското стопанство многу бавно се развивало. Христијаните, без разлика дали биле занаетчии или земјоделци, заштитени од властите, стопански и материјално бргу закрепнале. Оваа христијанско-беговска касаба набрзо напредувала во однос на бројот на жители. Покрај три-четирите занаетчиски дуќани и куќите кај сат-кулата, новата населба кај Пладништето значително се зголемила.
Во 1938 година се гради црква. Христијаните тогаш се ангажирале да го обноват манастирот „Св. Димитрија“ кај саат-кулата. Диме Велков кој како кираџија бргу се збогатил, отишол во Цариград каде што добил ферман од султанот, со кој христијаните добиле право да изградат црква кај манастириштето „Св. Димитрија“.
Меѓутоа беговите не дозволувале да се изгради црква во градот, заканувајќи се дека истата ќе ја урнат. Набргу потоа во 1938 година, христијаните својата црква ја изградиле, над градот, на работ на една повисока рамнина во близина на црквата било отворено и училиште. Населбата под новоизградената црква започнала забрзано да се развива.

Од книгата „Вистински приказни за вечни сеќавања, Кавадарци 1900-1945“, од Зорка Тодорова Младеновиќ, Кавадарци 2010 г. (Подготви Марко Китевски)

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мозаик

„Хет трик“: Фудбалер за само шест недели доби деца од три жени

Напаѓачот на англискиот фудбалски клуб Стоук Сити,...

Доделена „Алтернативната Нобелова награда"

Наградата „Правилно живеење", позната и како „Алте...

Тревога во Бакингемската палата поради приврзок за клучеви

Мажот кој вчера беше уапсен кај Бакингемската пала...

Многу мажи по сексот чувствуваат емотивна празнина

Дури 40 отсто од мажите по сексот чувствуваат емот...

НАСА откри две нови планети

Само пет месеци по поставувањето во земјината орби...