Мијатовиќ: Попишувањето на Ромите е кршење на човековите права

Мијатовиќ: Попишувањето на Ромите е кршење на човековите права

Брисел, 20 јуни 2018 (МИА) - Комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ ги осуди изјавите на италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини дека сака да спроведе попис на ромското население и да ги протера од земјата оние Роми кои немаат државјанство на Италија, при тоа нагласувајќи дека „за жал оние кои имаат државјанство ќе можат да останат“.

Мијатовиќ порача дека ова претставува крешење на стандардите на заштита на човековите права и изрази стравување дека ваквите изјави ќе предизвикаат омраза кон Ромите.

- Попишување луѓе врз основа на нивното етничко потекло отворено би ги прекршило основните европски и меѓународни стандарди за човекови права, изјави Мијатовиќ.

Изјавите на Салвини ги нарече „загрижувачки“ затоа што ги стигматизираат Ромите и ги делат Италијанците по етничка основа.

- Се плашам дека употребените зборови носат ризик да предизвикаат омраза и насилство врз Ромите. Политичарите мораат да се воздржат од провокативна реторика што поистоветува групи луѓе со криминалци или што ги дехуманизира, изјави комесарката за човекови права.

Европратеници од редовите на Групата на социјалистите и демократите исто така остро реагираа на изјавите на Салвини.

- Италијанската Влада има антидемократска агенда. Ова не е прв пат да шири омраза против Ромите. Не можеме да прифатиме етнички регистри. Видовме кон што води тоа во минатото, изјави европратеничката Сораја Пост.

Таа побара од Европската комисија да преземе правни чекори против Италија.

- Во минатото бевме сведоци дека ваквите операции доведоа до етничко чистење, изјави европратеничката Сесил Киенге.

Според неа, презумпцијата за расна супериорност од страна на Салвини потврдува каква општествена визија има неговата екстремно десничарската партија Лига. тм/сп/10:58

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.