• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

Турските фирми ќе треба да отплатат речиси 180 милијарди долари за помалу од една година

Турските фирми ќе треба да отплатат речиси 180 милијарди долари за помалу од една година

Истанбул, 29 август 2018 (МИА) - Финансиската корпорација Џеј Пи Морган денеска соопшти дека турските компании се соочуваат со надворешен долг од 179 милијарди долари кои достасуваат за наплата до јули 2019 година, што претставува сериозен товар за економијата.

Најголем дел од тој долг, околу 146 милијарди долари, е долг на приватни турски компании, пред се на банките, додека централната Влада мора да отплати или репрограмира скромни 4,3 милијарди долари.

Сепак, земено вкупно надворешниот долг кој достасува за наплата изнесува безмалку една четвртина од турската економија, а состојбата е особено загрижувачка имајќи го предвид падот на турската лира, оценува Џеј Пи Морган.

Турската валута падна за 40 проценти во текот на годинава, пред се како резултат на конфликтот со САД околу апсењето на свештеникот Ендрју Брансон во Турција, и не-екстрадицијата на свештеникот Фетула Ѓулен од САД.

Падот на валутата претставува проблем за турските компании кои имаат долг кон надворешни партнери во странска валута. Од 179 милијради долари, 32 милијарди достасуваат до крајот на 2018 година, а 47 милијарди се во обврски за кои се смета дека се лесни за репрограмирање, но сепак, и покрај овие олеснувања, во првата половина на 2019 година достасуваат над 100 милијари долари надворешни обврски. цч/зш/15:59

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.