Во Неготино изложба на сликописи од патувања на параброди од 30-те години на минатиот век

Во Неготино изложба на сликописи од патувања на параброди од 30-те години на минатиот век

Неготино, 23 август 2018 (МИА) - „Лојдови сликописи” е насловена изложбата, која синоќа беше отворена во Музеј на град Неготино. Претставени се 40 стари фотографски записи  поставени на лед дисплеј екрани, кои се сведоштво за кружните патувања на Лојдовите парабродови од триесетите години на минатиот век.

- Станува збор за една несекојдневна изложба, записите се направени од фотографи кои биле присутни на тие патувања. Тие создале негативи на стакло кои така и останале, но денес со примена на најмодерна технологија, со скенирање на тие негативи на стакло, е направена репродукција на фотографии кои се поставени на лед дисплеј екрани и кои се многу детални, остри и јасни, во црно-бела техника, рече Драгица Чекорова, директор на Неготинскиот музеј. 

параброд салон

Југословенскиот „Лојд“ бил формиран на  1 јануари 1929 година и со текот на времето  создал имиџ на угледно паробродско друштво, дури и со однапред распродадени карти за далечни патувања. Како најголемо паробродско здружение имал 24 пароброди (44.15% од вкупната бродска тонажа во Југославија), со седиште во Сплит.

Кружните патувања на патничките параброди “Кралица Марија“ и “Принцес Олга“ ги опфаќале земјите од Средоземноморскиот дел како Грција, Турција, Палестина, Египет, Мароко, Тунис, Шпанија и Италија. Паробродите биле познати по својата првокласна удобност и по ниските цени за организираните патувања, што биле достапни и за средните слоеви на општеството. Пријавите за патувањата се доставувале и ги одобрувал Извршниот одбор на Јадранската стража во Сплит. Домашните и странските медиуми известувале за овие кружни патувања, така што спомените останувале забележани и во разни публикации.

Луксузот и ниската цена биле намерата на Југословенскиот „Лојд“ да привлече што поголем број патници и од пониските слоеви на општеството (чиновници, обични граѓани, занаетчии...). 

параброд соба

- За големиот  интерес за овие патувања говори и податокот дека во 1933 година за 320 слободни места на парабродот „Кралица Марија“,  се пријавиле 500 патници, нагласи Чекорова. 

Лојдовите сликописи започнале да се презентираат од 2011 година  и тоа почнувајќи од Дубровник, преку Пула на Истра, Славонски Брод, Ријека, Сплит, Битола, до Неготино. 

- Се надевам дека ова е почеток на една меѓународна соработка помеѓу две институции од областа на културата, со цел презентирање на културното наследство и која ќе продолжи  во иднина, додаде Чекорова. 

Изложбата  е во соработка со НУ Завод и музеј-Битола и Дубровачкиот музеј, поморски музеј од Дубровник во Хрватска, од каде е и авторот Ѓиво Башиќ. Раководител на проектот е Наде Геневска Брачиќ од Битолскиот музеј. 

параброд изложба

Задоволство од несекојдневната изложба, која е почеток на една меѓународна соработка, изрази и Диме Витанов, претседател на Советот на општина Неготино. Тој го поздрави ангажирањето на директорката и останатите вработени во музејот. 

- Тие ни овозможуваат, конечно во Неготино да имаме една поголема културна програма, нагласи Витанов. свд/вг/11:04

 

###



Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ