• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

Најновите македонски филмски остварувања на Меѓународниот филмски фестивал во Нанси

Најновите македонски филмски остварувања на Меѓународниот филмски фестивал во Нанси

Нанси, 25 август 2018 (МИА) - Дваесет и четвртото издание на Меѓународниот филмски фестивал во Нанси, прави посебен фокус на најновите македонски филмски остварувања, а за време на фестивалот во уметничката галерија на градот ќе биде отворена и изложба на фотографии на Браќата Манаки.

Меѓународниот филмски фестивал од Нанси, чиј претседател и главен селекционер од 2013 година е Тони Гламчевски, познат во јавноста како дописник од Франција за повеќе македонски медиуми, годинава прави посебен осврт на новите текови во балканската кинематографија. Ќе бидат претставени филмови од Македонија, Грција, Албанија, Косово, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска.

Вечерва на свеченото отворање на фестивалот во рамките на престижната селекција „Под ѕвездите“ ќе биде прикажан филмот на Ѓорче Ставревски „Исцелител“ инаку македонско-грчка копродукција, селекција во која наградата ја доделува публиката.

Во истата селекција, фестивалот го прикажува и најновото остварување на Владимир Блажевски „Година на мајмунот“. Со филмот на Блажевски, на кого ова му е француска премиера ќе биде затворен фестивалот на 2 септември.

Документарниот филм „Со љубов“ на Илија Цветковски, заедно со уште десет други филмови се најде во натпреварувачката селекција на Европскиот документарен филм.

На фестивалот во Нанси во рамки на делот посветен на новите текови во кинематографијата од Балканот, ќе бидат прикажани уште седум македонски краткометражни филмови. Најпрво филмот „Еклер”, работен по сценарио и режија на Марко Ѓоковиќ, кој минатата година на 23. издание на Меѓународниот филмскиот фестивал во Нанси освои Гран при за најдобар среднометражен филм. „Еклер” е приказна за синот на готвачката во Маршаловата вила, кој по десет години конечно добива шанса да ја вкуси забранетата храна.

Понатаму во серијата на македонски краткометражни филмови ќе бидат прикажани „Цут Хере“ во режија на Кристијан Ристески, продукција Вертиго Визуал, „Последните камбани“ во режија на Николче Поповски, продукција ДНФ Филм, „Железна приказна“ во режија на Златко Калеников, продукција Стримон Филм, Амби“ во режија на Марија Апчевска, продукција Касар Филм, „48“ во режија на Владимир Митревски, продукција Дтим Фактори и „Ќе дојдат децата“ во режија на Ана Јакимска, продукција Круг Филм.

Изборот на краткометражните филмови беше направен во потесна соработка и на предлог на Агенцијата за филм на Република Македонија и ова е всушност, можеби едно од најголемите претставувања на македонските филмски реализации во странство во последниве неколку години.

Во рамки на фестивалот ќе биде отворена изложбата на „Фотографското творештво на браќата Манаки во контекст на Првата светска војна“ од авторот Роберт Јанкулоски.

Изложбата, која по Нанси, дел ќе биде пренесен во Париз, а потоа и во Епинал во рамките на 502 годишнината од одбележувањето на збратимувањето на градот Битола со Епинал, веќе еднаш беше презенирана во Меморијалнито музеј во Каен, Нормандија. Изложбата содржи 101 фотографија од браќата Манаки репродуцирани со дигитализирање и обработка на стаклените плочи кои се чуваат во Подрачното одделение на Државниот архив на Македонија во Битола.

Фотографиите се од периодот 1905 - 1936 година, а го прикажуваат животот во Битола за време на Првата светска војна, но и на француските војници кои во тој период биле таму.

Авторот Роберт Јанкулоски, професор по фотографија и директор на Македонскиот центар за фотографија, со оваа изложба го заокружи своето 20-годишното истражување на фотографското творештво на браќата Манаки.

Изборот на изложбата од браќата Манаки со совпадна со тематиката – Фокус Балкан, и пред се Границите – кои делат или се можност за размена, посебно ако се знае нивната животна приказна.

Повторното претставување на изложбата на МФФ во Нанси, беше реализирано во тесна соработка со Амбасадата на Република Македонија во Франција, Општината Битола, НУ Завод и Музеј Битола, Македонскиот центар за фотографии, помогнато од Министерството за надворешни работи и Министерството за култура на Република Македонија.

Меѓународниот филмски фестивал од Нанси, е фестивал од општ карактер, на кој редовно во последниве десетина години се прикажуваат филмски остварувања на македонски автори. За годинашново издание на фестивалот конкурираа 3000 краткометражни и околу 500 долгометражни филмови. Од пријавените филмови беа селекционирани 150 и за деветте дена на фестивалот ќе има над сто проекции, концерти и траклезни маси. тг/ев/11:26

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ