Интервју со добитникот на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата Адам Загајевски

Интервју со добитникот на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата Адам Загајевски

Струга, 26 август 2018 (МИА) - Тивок и повлечен човек, вака сам се опишува добитникот на највисокото признание „Златен венец“ на 57. Струшки вечери на поезијата, полскиот поет Адам Загајевски. Во ексклузивно интервју за МИА говори за моќта на поезијата, егзилот како најзастапена тема во неговото творење, но и за впечатоците од Македонија и фестивалот.

Што значи наградата „Златен венец“ за Вас, како ја доживеавте?

Тоа е знак за признание. „Златниот венец“ е една од најубавите награди во Европа и целиот свет. И поетите се човечки суштества, па се радуваат на добри вести. Среќен сум што се вброив во листата со големи поетски имиња, некои од нив добитници и на Нобеловата награда.

Адам Загајевски Полска

Претпоставувам дека сте слушнале за последниот настан, церемонијата кога ќе ви биде врачено признанието „Златен венец“ на манифестацијата „Мостови“. Какво е вашето мислење за овој настан?

Сум читал за настанот и ми се допаѓа неговата симболика. Мислам дека е многу убав симбол на сплотување, на заборавање на разликите. И го видов мостот... бев на прошетка со некои луѓе кои беа тука првпат, но знаев на кој мост би бил настанот и реков – видете, ова е типичен мост на поезија.

Од каде црпете инспирација за творење?

Секогаш различно. Некогаш ме инспирира музичка композиција, другпат лицето на некоја жена или маж. Тоа не значи дека пишувам песни секој ден. Нема правило, нема систем. Може да се случи спонтано да дојде од воздухот. Забележав дека инспирацијата полесно доаѓа кога не си никаде, како во воз. Или во авион. Кога си надвор од редовниот систем на живеење, на работење. Би рекол дека најдобро е во воз. 

Адам Загајевски

Живееме во едно турбулнетно време. Според вас колкава е моќта на поезијата за рушење на јазичните бариери?

Поезијата е само за мали групи луѓе. Единствената утеха е дека овие мали групи се доста влијателни. Тие пренесуваат. Се работи за писатели, новинари, професори, па таквото пренесување е доста нормално во општеството. На повозвишените работи им треба подолго да се пренесат. И на тој начин поезијата има некакво влијание во рушењето на јазичните бариери, но секако тоа не е огромно.

Дали и колку поезијата може да направи културен мост меѓу народите?

Да, може. Но повторно, само меѓу мали групи на луѓе. Мали групи кои не се дефинирани престрого. Ми се случува да добијам електронска порака од некој од Индија или Кина во која ми кажува дека му се допаѓаат моите песни и секако тоа нема влијание на интернационалната ситуација. Немам илузии. Но, тоа е барем човечки знак за некаква солидарност. Знаете, знак дека во секоја држава има луѓе кои умеат да се приклучат на добар разговор. Но, немам илузии дека тоа би го сменило светот. Не очекувајте од мене таква изјава.

Адам Загајевски СВП 2018

Егзилот е една од главните теми во вашата поезија. Кога бевте повеќе мотивирани да пишувате за егзилот, кога живеевте во него или сега кога живеете во Полска?

Па, има две работи. Едната е на некој начин од техничка природа, каде да се биде за да се пишува. Кога реков „во воз“, не морам да сум надвор од Полска, може да биде воз меѓу Краков и Варшава, кој впрочем е навистина добар воз. Имало моменти како на пример, додека неколку години предавав во САД, еден семестар годишно во Хјустон, Тексас, напишав многу песни. Ми се допаѓа оти е толку неевропско место. Различно е од тоа што го знам, имаше некаков парадоксичен ефект на мене да пишувам, но повеќе не одам во Хјустон па ете...

Првпат сте во Македонија. Кои се вашите впечатоци?

Можам да кажам дека ја знам Македонија и ги знам луѓето од фестивалот. Сите се многу пријателски расположени и целата атмосфера на фестивалот е прекрасна. Ако целата држава Македонија е како фестивалот, тогаш таа е преубаво место. 

Садење дрвце на СВП 2018

Какви беа вашите очекувања? 

Па не знам. Немав конкретни очекувања. Претходните години гостував на фестивали. Ми се чини дека сум престар за фестивали. Фестивалите се за млади луѓе. Јас веќе не сум толку млад. Исто така проблемот со фестивалите е што јас сум повлечен човек, сакам да сум сам, а одненадеж ве фрлаат во толпата, го поминувате речиси цел ден со други луѓе. Значи проблематично е, но по некое време почнува да ви се допаѓа и ми се допаѓа тука. 

И за крај кој е Адам Загајевски, во неколку реченици?

Па, ви кажав, јас сум повлечен човек... Повлечен човек, кој ги сака луѓето, па не сум, знаете, мизантроп. Малку сум и фамилијарен човек, но не премногу. Сакам музика, слушам музика, сакам долги прошетки, се што би очекувале од поет. Не сум многу посебен. Такви се поетите, сакаат музика, сакаат прошетки, сакаат да читаат книги, а и јас многу сакам да читам книги. Па ете, јас сум мошне неинтересен претставник на родот поети.

Адам Загајевски

Слаѓана Стојкова Костоски

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мозаик

Вили на Босфорот се продаваат за цени и до 100 милиони долари

Шеесет луксузни вили на Босфорот, т.е. во Истанбул...

Со масло за јадење бркале зли духови од музеј

Суд во Атина осуди две бугарски државјанки на чети...

Меган Маркл во живанши-тоалета од 2.510 фунти

На традиционалната средба со припадници на маорска...

Ѕвездата од „Бубалици“ во уште една хумористична хит-серија

Еден од главните актери во комедијата „Бубалици“, ...

Тинејџерка преживеала 49 дена на отворено море пиејќи цедена морска вода

Индонезиска тинејџерка минала 49 дена на отворено ...