• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

Изложба на карикатури „Туризам –лето 2018” во Тетово

Изложба на карикатури „Туризам –лето 2018” во Тетово

Тетово, 5 септември 2018 (МИА) - Во пресрет и по повод 8 – ми септември – Денот на независноста на Република Македонија, во Центарот за култура „Иљо Антески Смок“ во Тетово беше отворена изложба на 24 карикатури на тема „Туризам - лето 2018” од карикатуристот Мирослав Георгијевски – Миро.

Според него, целта било да се долови по некој интересен детаљ од нашите летувалишта, но и дел од местата во Албанија, Грција и Бугарија каде летниот одмор го минуваат Македонците.

- Јас сакам секој убав летен ден да го одбележам со карикатура, но поради празникот Денот на независноста морав малку да побрзам иако летото се уште календарски трае. Иако сакам да ги одбележувам настаните со гег, штос или шега самите тие се се помалку смешни па така моите карикатури за туризмот се повеќе како критика, но повторно целта е луѓето малку да се релаксираат од политиката што се повеќе зазема простор во секојдневното живеење.Чест ми што оваа изложба ја отворам во Тетово од каде е родоначалникот на македонската карикатура Кирил Пејчиновиќ Тетоец за кого малку се знае дека иако бил и монах, за себе, но и за другите монаси цртал и карикатури, изјави Миро.

Мирослав Георгијевски - Миро учествувал на повеќе меѓународни фестивали и конкурски за карикатура при што има освоено околу осумдесеттина награди од триесет и една држава меѓу кои најзначајни се наградите од Монтреал, Канада и Санкт Петерсбург, Русија. По професија е машински инжинер, а моментално живее половина од годината во Скопје, а другата половина во Дојран.

Организатор на изложбата на карикатури „Туризам –лето 2018” е клубот на ликовни уметници при здружението за култура и уметност „Иљо Антески Смок“ од Тетово.ас/са/12:07

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ