• A-
  • A
  • A+
сабота, 22 септември 2018, 

Изложба „Лицата на војната: Македонија и Македонците во Големата војна (1914 - 1918)“

Изложба „Лицата на војната: Македонија и Македонците во Големата војна (1914 - 1918)“

Скопје, 7 септември 2018 (МИА) - Изложбата „Лицата на војната: Македонија и Македонците во Големата војна (1914 - 1918)“ денеска ќе биде отворена во Македонската академија на науките и уметностите. Организатор на изложбата е Државниот архив на Република Македонија, а покровител е премиерот Зоран Заев.

Оваа изложба е посветена на 100-годишниот јубилеј од завршувањето на Првата светска војна и се состои од 60 паноа, на кои се прикажани повеќе документи и фотографии од архивските фондови во Државниот архив на Република Македонија. Посетителите ќе можат да погледнат предмети и оригинални документи, кои се од фондот на браќата Манаки од Одделението на Архивот во Битола и оригинални предмети, односно оружје користено во Првата светска војна, а денес се чува како музејски експонат во Воениот музеј на Република Македонија.

Документите прикажани на изложбата ги отсликуваат карактерот и функционирањето на власта за време на војната, како и секојдневниот живот за време на Големата војна. Поголемиот дел од документите и фотографиите прикажани на изложбата се досега непознати за јавноста.

Предметите и оригиналните документи од Одделението на Архивот во Битола и од Воениот музеј ќе бидат изложени само на денот на отворањето на изложбата, а останатиот дел од изложбата ќе биде изложен во Македонската академија на науките и уметностите од седми до 21 септември 2018 година.

- Целта на изложбата е да не потсети на Првата светска војна, како значаен настан од нашето минато и да го пренесе духот на тоа време за да не дозволиме никогаш повеќе да ни се вратат ужасите на кои нашите предци биле сведоци, а многу од нив го дале и својот живот, информира Државниот архив на Република Македонија. 

На отворањето на изложбата најавено е дека ќе присуствуваат премиерот Заев, директорот на Државниот архив, Кирил Петров, и авторката на изложбата Јасмина Дамјановска. мд/са/09:08

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ