Концерт на италијански канцони во Делчево

Концерт на италијански канцони во Делчево

Делчево, 8 септември 2018 (МИА) - Делчевчани синоќа по подолго време имаа можност да присуствуваат на концерт на класична музика на кој настапија тенорот Влатко Груевски и пијанистот Андреј Наунов.

- Како хонорарно вработен во Македонската опера и балет, концертирам и настапувам низ државата на културни манифестации меѓутоа гостувањето во Делчево е мое прво гостување на концерт и прво гостување во градот, изјави Груевски, додавајќи дека вечерта е посветена на италијанските канцони.

Наунов, кој е пијанист со 30-годишно искуство, рече дека канцоните се категорија која е многу поприфатлива од публиката и затоа на концертот во Делчево се одлучиле за таквиот жанр на класична музика.

- Долги години настапувам на пијано и како вработен во Македонската опера и балет, но и хонорарно на Факултетот за музичка уметност. Што се однесува до нашата одлука во Делчево да настапиме со италијански канцони, тоа се должи на фактот што канцоните се поприемчиви за публиката, покомерцијални, поблиски и се достапни за оваа публика и ваквите манифестации, истакна Наунов.

Концертот се одржа како дел од одбележувањето на 7 Септември - Денот на ослободувањето на Делчево и 8 Септември-Ден на независноста на Република Македонија. вс/бак/09:22

###

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ