• A-
  • A
  • A+
сабота, 22 септември 2018, 

Претставен проектот „Анатомија на векот“ на уметникот Наневски во Прилеп

Претставен проектот „Анатомија на векот“ на уметникот Наневски во Прилеп

Прилеп, 8 септември 2018 (МИА) - Видео проектот „Анатомија на векот“ од уметникот Гоце Наневски синоќа беше промовиран во киното „Мис Стон“ при Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Проектот е поддржан од Министерството за култура во годинашната програма за работа на Центарот за култура „Марко Цепенков“.

Авторот Наневски вели дека се обидува да ги лоцира состојбите и проблемите во општеството.

- „Анатомијата на векот“ е генерално длабоко ангажиран проект што го истражува човечкиот век на постоење. Го истражува феноменот на раѓањето на човекот низ различните профили на професионалци, ја истражува судбината на најранливата категорија граѓани – Ромите. Ја истражува легендата за вампирите преку еден социјално-политички ангажиран аспект. „Анатомија на векот“ е анализа на човечкиот живот во оваа локална средина која е длабоко испреплетена со политички и социјални проблеми. Сместено во една рамка се обидувам да ги лоцирам проблемите во општеството, изјави авторот Наневски.

Трите индивидуални видеа во проектот имаат концепциско-документарен карактер. Аспектот на интервју е клучниот двигател во модулирањето на овие посебни тематски микронаративи. Изборот на вистинските говорници го надополнува сижето и му дава звучност и слоевитост на експликативниот контекст.

Наневски во оваа трилогија е социјално-политички ангажиран. Неговиот јазик не е буквален и директен, не е априорна реакција и критика на актуелното секојдневие, туку преку малите суштествени наративи со многу генерална конотација укажува на мошне клучни деформации на општествената свест.

Уметникот Гоце Наневски е роден во Скопје. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на професор Васил Василев, а магистрирал вајарство. Од 2004 работи на Факултетот за ликовнио уметности како вонреден професор по предметите вајање, вајарски техники и цртање. На ФЛУ бил продекан за настава од 2012 до 2016 година. Наневски зад себе има бројни самостојни и групни изложби во земјава и странство. ем/мд/10:22

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ