• A-
  • A
  • A+
четврток, 20 септември 2018, 

Министерот за култура Адеми во работна посета на Албанија

Министерот за култура Адеми во работна посета на Албанија

Скопје, 8 септември 2018 (МИА) - Министерот за култура Асаф Адеми во рамки на работна посета на Република Албанија, во Тирана се сретна со албанската колешка Мирела Кумбаро Фурџи.

На средбата, како што соопшти Министерството за култура, Адеми и Кумбаро Фурџи ги потенцирале одличните релации во областа на културата меѓу двете земји што е потврдено и со потпишувањето на Програмата за културна соработка меѓу Министерството за култура на Република Македонија и Министерството за култура на Република Албанија за периодот 2015 – 2020 година.

Исто така, Адеми и Кумбаро Фурџи ја подвлекле добрата соработка во сите дејности од културата меѓу Република Македонија и Република Албанија што се потврдува и со многубројните реализирани активности во областа на музичко-сценската, фолклорната, издавачката и театарската дејност, што резултираше со голем број гостувања на уметници од Македонија во Албанија, како и реципрочни гостувања на уметници од Албанија на меѓународните фестивали во нашата земја.

Од Министерството посочуваат дека уште еден значаен документ со кој се унапредуваат релациите во областа на културата е и потпишаниот Меморандум за соработка меѓу Националната галерија на Македонија и Националната галерија на Албанија со кој се ставаат во функција просторните и интелектуалните ресурси на двете институции за реализација на проекти, истражувања, уметнички престои, семинари, предавања и сл.

Министерот Адеми вечер во Галеријата на уметностите во Тирана ќе присуствува на свеченото отворање на самостојната изложба на реномираниот уметник Флака Халити, „Here – or rather there, is over there“. рп/сд/16:11

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ