Заборавањето е корисно

Берлин, 25 декември 2012 (МИА) - Колку и да е помнењето позитивно и импресивно, потребата работите и да се забораваат е од животна важност. Во спротивно, учењето би станало невозможно, а мозокот во огромна мерка би бил преоптоварен.

Заборавањето во суштина е непријатно и е проблем со кој речиси секој повремено се соочува. Од друга страна, заборавањето е исто така еден вид вештина.

Помнењето функционира добро поради тоа што претходно премногу или малку важни информации биле исфрлени од системот, пишува списанието „Чудесен свет на знаењето“ (Wunderwelt Wissen) во своето издание за јануари. Кога би ни било невозможно нешто да заборавиме, зачуваните сеќавања би го преплавиле нашиот живот, учењето би станало речиси невозможно, а мозокот би бил во огромна мерка преоптоварен.

Против депресија и анксиозност

Научниците се повеќе ги разоткриваат хемиските процеси во мозокот до кои доаѓа за време на заборавањето. Не е мал број на експертите чија цел на истражувањата е да откријат лек кој ќе овозможи заборавање.

Се повеќе луѓе страдаат од анксиозни пореметувања. Природните катастрофи, паѓањето на авиони, војни или терористички напади, се некои од примерите кои предизвикуваат анксиозност и по кои бројот на оние кои страдаат од посттрауматски пореметувања е во пораст.

Досега решенијата во ваквите случаи се бараа во долгите разговори или во терапија за време на кои погоденото лице се соочува со својот проблем. Тие методи не се секогаш успешни а понекогаш и предолго траат. Оттука психолозите се надеваат дека во иднина би можеле да се користат лекови против несакани сеќавања.

Противниците на оваа идеја имаат исто така силни аргументи. Тие стравуваат дека непријатните сеќавања со употребата на лекови ќе бидат едноставно потиснати, но и дека натаму ќе останат некаде забележани во нашиот мозок, и оти подоцна би можеле повторно да се вратат. нд/11:02

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.