• A-
  • A
  • A+
сабота, 22 септември 2018, 

Коѕијас: Не постои прашање за Чамите

Коѕијас: Не постои прашање за Чамите

Тирана, 30 јануари 2018 (МИА) - Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас изјави дека на разговорите со неговиот албански колега Дитмир Бушати воопшто не станало збор за прашањето за Чамите.

Коѕијас посочи дека било разговарано за билатерални прашања, по кои има недоразбрања или за прашања кои не се решени во изминатите 70 години за што е постигнат одреден напредок, како што е случајот со гробиштата на грчките војници загинати на албанска територија за време на италијанско-грчката војна.

Тој ги отфрлил обвинувањата на грчките конзервативци за „тајна дипломатија меѓу Атина и Тирана“ поради што Јоргос Комутсакос од Нова Демократја и поднесе интерпелација за Коѕијас.

Ден претходно Бушати на седница на Комисијата за надворешна политика во собранието на Албанија изјави дека се очекува Тирана и Атина да ги надминат разликите за имотите на Чамите во Грција.

Тој додаде дека неговите средби со Коѕијас биле многу успешни и оти има голем напредок во решавањето на отворените прашања на Албанија со Грција.

- Чамите во Грција ќе може да си ги вратат своите имоти, нагласи Бушати одговарајќи на прашање на пратеници во Комисијата за надворешна политика.

Според здружението на Албанците „Чамарија“, Чамарија е територија во Грција во која живееле етнички Албанци, а останала надвор од Албанија на амбасадорската конференција во Лондон во 1913 година, кога областа и била доделена на Грција, Во 1945 година повеќе од 35.000 етнички Албанци биле протерани поради „соработка со окупаторските германски и италијански власти“.

Партијата на Чамите, чиј лидер е Шпетим Идризи, тврди дека вредноста на имотот на протераните Чами, тогаш изнесувал околу 350 милиони американски долари, но оти тој сега вреди многу повеќе. вт/сп/13:52

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.