• A-
  • A
  • A+
четврток, 20 септември 2018, 

Харадинај формира владин тим за преговорите со Србија, главен преговарач останува Тачи

Харадинај формира владин тим за преговорите со Србија, главен преговарач останува Тачи

Приштина, 3 септември 2018 (МИА) - Косовскиот премиер Рамуш Харадинај формира владин тим кој ќе ги води преговорите за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, што треба да продолжат во Брисел на 7 септември, јави допиисникот на МИА од Приштина.

Според документот кој го објавија приштинските медиуми, шеф на владиниот преговарачки тим во Брисел ќе биде вицеприемиерот Фатмир Лимај, негов заменик е другиот вицепремиер Енвер Хоџај, додека членови на делегацијата се министерот за надворешни работи Беџет Пацоли, министерот за јавна администрација Махир Јагчилар, министерот за дијаспора Дардан Гаши и досегашниот главен претставник на Владата во преговорите со Србија, Авни Арифи.

Во составот на делегацијата што ќе преговара во Брисел Харадинај предлага да има и по еден претставник на четирите опозициски партии на Албанците во Собранието - Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Самоопределување (ВВ), Социјалдемократската партија на Косово (ПСД) и партијата Алтернатива, како и експерт од невладиниот сектор. На опозициските партии им е оставено самите да ги изберат своите претставници.

- Како Влада, со оваа делегација ја преземаме и нашата одговорност за дијалогот. Ова е добра можност Владата да ја заврши својата работа и Собранието да ја заврши својата работа, истакна Харадинај на попладневната седница на Владата.

Предлогот е предаден во Собранието на Косово на усвојување.

Сепак, според порталот „Газета Експрес“, ова е уште еден маневар на претседателот на Косово Хашим Тачи, кој „ги изманипулирал“ Харадинај и Лимај, пред утрешната вонредна седница на Собранието за дијалогот со Србија, која ќе се одржи на барање на опозицијата.

Тачи, според приштинскиот медиум, им предложил на Харадинај и Лимај да формираат владин тим за преговори, со тоа што тој ќе продолжи да ги води преговорите со неговиот српски колега Александар Вучиќ, а освен тоа ќе ја избегне и резолуцијата против него во Собранието.

Во косовското Собрание утре на иницијатива на опозицијата, ќе се одржи вонредна седница за преговорите со Србија, на која ќе биде поднесена резолуција со која се забранува секому, вклучително и на претседателот на државата, воопшто да преговара за територијалната целовитост на Косово. Освен тоа, опозицијата бара носител на преговорите со Белград да биде Собранието на Косово, а не Тачи, кој го нема тој мандат и кој не може да се смета за обединувачки фактор во земјата. иа/ми/16:52

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.