Селекторот на албанската репрезентација поднесе кривична пријава против поранешниот претседател Нишани

Селекторот на албанската репрезентација поднесе кривична пријава против поранешниот претседател Нишани

Тирана, 05 септември 2018 (МИА) - Селекторот на албанската фудбалска репрезентација Кристијан Панучи поднесе кривична пријава против поранешниот албански претседател Бујар Нишани и од него бара отштета во износ од 100.000 евра.

Панучи отшетата ја бара за навреда на неговата личност и достоинство, како и за омаловажување пред јавноста, бидејќи Нишани по пријателската средба меѓу Албанија и Косово, која албанската репрезентација ја загуби со резултат 3:0, за селекторот рекол дека е „шарлатан, кој го уништи она што беше создадено“.

Судскиот процес ќе го води судијката Анила Караџа, која се уште ја нема закажано првата судска расправа.

- Ова е преседан, селектор на национална фудбалска репрезентација да бара отштета поради реакција на лица од политиката или поранешни функционери на држава, по пораз на национална репрезентација, констатираат албанските медиуми.

Поранешниот италијански репрезентативец Кристијан Панучи (45), кој настапуваше за Милан, Реал Мадрид, Челзи и Рома, е на чело на албанскиот национален тим од јули минатата година. Тој дојде на местото на Џани де Бјаси, кој оствари историски успех со пласманот на ЕВРО 2016, но си замина среде квалификациите за СП 2018. вт/дб/18:34

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.