Втората вонредна седница на косовското Собрание за дијалогот со Србија закажана за вечерва

Втората вонредна седница на косовското Собрание за дијалогот со Србија закажана за вечерва

Приштина, 5 септември 2018 (МИА) – Вонредната седница на Собранието на Косово, на која, на барање на опозицијата треба да се расправа за дијалогот со Србија и да се донесе разолуција за непроменливост на границите на Косово, е закажана за вечерва во 19:30 часот, јави дописникот на МИА од Приштина.

Седницата ја закажа претседателот на Собранието Кадри Весели, откако претходно пропаднаа обидите за одржување на другата вонредна седница, започната уште вчера наутро, на барање на премиерот Рамуш Харадинај. На седницата, која, како што изјави Харадинај, е одложена на неопределено време, требаше да се гласа за предлогот за тим составен од Владата на Косово за преговори со Србија.

Опозициските партии ја бојкотираа седницата свикана на барање на Харадинај, додека владејачките партии веќе се изјаснија дека, за возврат, ќе ја бојкотираат седницата свикана на барање на опозицијата, така што се очекува и вечерашната седница да ја доживее истата судбина како претходната.

Косовскиот претседател Хашим Тачи задутре ќе отпатува во Брисел на преговори со неговиот српски колега Александар Вучиќ за изнаоѓање конечно решение за споровите меѓу двете земји, а намера на опозицијата беше да се донесе резолуција со која на Тачи ќе му се забрани да преговара за „корекции на границите“, за што подолго време декларативно се залага, односно за размена на територии со Србија. иа/цч/18:38

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.