Баша бара ветинг и за политичарите, Рама согласен

Баша бара ветинг и за политичарите, Рама согласен

Тирана, 6 септември 2018 (МИА) – Албанската опозициска Демократска партија покренува уставна иницијатива за проверка на потеклото на имотот и можна поврзаност со криминални групи (ветинг) и за политичарите.

Во партиското соопштение стои дека лидерот Љуљзим Баша ги посочил целите на платформата за, како што стои, ослободување на власта од криминалот.

- Нашата одлука е да ставиме крај на една политичка елита поврзана со криминалот и да ги ставиме политичарите поврзани со криминал, најпрво надвор од институциите, а потоа пред реформираното правосудство а не пред заробената правда, изјави Баша.

Според официјалното соопштение, ДП верува дека треба да се спроведе ветингот за политичарите и другите високи јавни функционери, а не само за судиите и обвинителите, како што е сега.

- Со законот, кој треба да биде изгласан по итна постапка, треба да бидат опфатени и пратеници, премиерот, министри, градоначалници... што сметаме дека е реална можност за почеток на ослободувањето на владеењето од криминалот, сметаат демократите.

Веднаш по објавувањето на предлогот на ДП, реагираше и премиерот Еди Рама, преку Твитер, искажувајќи подготвеност за оваа иницијатива.

-Ветинг за политичарите? Што побрзо! Со прочистено правосудство преку ветингот, во оваа земја ќе нема можност за политичарите да и избегаат на правдата. Секогаш сме подготвени да разговараме со ДП, напиша Рама.

Законот за испитување на потеклото на имотот и можната поврзаност со криминални групи, донесен од Парламентот важи за судиите, обвинителите и полицијата. Поради „не минување“ преку овој процес Албанија повеќе месеци е без Уставен и Врховен суд, а се соочува и со недотиг на обвинители и судии. Формулар за потеклото на имотот не поднесоа најмалку 500 полициски работници, кои потоа самоволно ја напуштија службата. вт/ссм/19:42

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ