Стефановиќ: Ако Тачи дојде во Прешево, полицијата ќе постапи по судските налози

Стефановиќ: Ако Тачи дојде во Прешево, полицијата ќе постапи по судските налози

Белград, 10 септември 2018 (МИА) - По повод најавите дека косовскиот претседател Хашим Тачи в среда ќе ги посети општините во Прешевската Долина во Србија, српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ изјави дека полицијата во овој, како и во кој било друг случај, ќе постапи во рамките на посточките судски налози.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, на новинарско прашање дали Србија во случај на доаѓањето на Тачи ќе постапи дипломатски или тој ќе биде уапсен согласно српските обвиненија, Стефановиќ одговори дека „има налози од српските судови кои мора да се почитуваат и Министерството за внатрешни работи ќе постапи според судските налози“.

- Тука нема што повеќе да се додаде, истакна Стефановиќ.

Во врска со можната посета на косовскиот претседател на Прешевската Долина се огласи и српската премиерка Ана Брнабиќ, која изјави дека до Владата на Србија „не пристигнала каква било најава за евентуалната посета на Тачи“ и дека тој „мора прво да и се обрати на српската Влада, која потоа ќе донесе решение за ова прашање“.

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ исто така изјави дека нема информации за посета на Тачи.

Според тврдењето на дел од српските медиуми, Тачи заедно со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан в среда ќе ги посети општините во јужна Србија, каде живеат Албанци. об/сп/13:03

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.