Пахор: Слаба ЕУ нема да се прошири кон Западен Балкан

Пахор: Слаба  ЕУ нема да се прошири кон Западен Балкан

Блед, 12 септември 2018 (МИА) - Слаба ЕУ нема да се прошири кон Западен Балкан, изјави словенечкиот претседател Борут Бахор на стратешкиот форум на Блед и предупреди дека моменталниот застој во кој се најде ЕУ ќе се претвори во криза доколку преовладеат националистичките политики. 

Британскиот весник „Експрес“, повикувајќи се на агенцијата Нова информира дека Пахор рекол оти ЕУ е ослабена со Брегзит и „можеби ќе мора да ги одложи плановите за проширување кон Западен Балкан“.

Обраќајќи се во присуство на главниот европски преговарач за Брегзит Мишел Барние, Пахор рече дека Унијата не може да се надева на прием на Србија, Црна Гора и Албанија како нови членки во сегашната состојба.

- Се е поврзано и поминуваме низ период во кој ќе мора да се донесат тешки одлуки, ги пренесува „Експрес“ зборовите на Пахор.

Во исто време, агенцијата СТА информира дека Пахор рекол оти Брегзит покажал дека ЕУ е во застој и тоа прашање е поврзано со проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан. Тој сепак истакна дека Словенија е заинтересирана напорите за прием на нови члкенки да бидат успешни.

Пахор објасни дека застојот не значи дека времето стои и оти ЕУ е во некој вид на замрзната состојба, туку спротивно - дека се соочува со се помасовно враќање на национални политики.

Словенечкиот претседател рече и дека застојот во институционалната, политичката, економската и другите облици на интеграција ги зајакнува националистичките политики.

- Изгледа дека во овој момент оние од нас кои веруваат во силна ЕУ немаат јасна визија. Меѓутоа алтернативата делува појасно - обновување на моќта на државите членки, рече Пахор. ви/јт/11:25

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ