Курти: Вучиќ во Митровица покажа јасно дека Србија не е за добрососедски односи

Курти: Вучиќ во Митровица покажа јасно дека Србија не е за добрососедски односи

Приштина, 12 септември 2018 (МИА) – Лидерот на опозициското Движење Самоопределиување (ВВ) Албин Курти се сретна денеска со делегација на француската амбасада во Приштина, предводена од амбасадорот Дидие Шамбер, со кого разговарал за актуелната политичка ситуација во Косово, со нагласок на дијалогот за наоѓање решение за споровите со Србија, соопшти партиската служба за информирање.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Курти го информира францускиот амбасадор за ставовите на ВВ во однос на дијалогот, нагласувајќи дека претседателот на Косово Хашим Тачи преговара со Белград без мандат од Собранието и без платформа.

- Еден претседател  кој преговара без платформа и без мандат е осамен и нема поддршка за неговите опасни игри. За да ги вклучи другите во неговата авантура, претседателот Тачи еднаш се обиде да го искористи како мамка местото за Косово во Организацијата на Обединетите нации, додека сега се обидува исто така како мамка да го искористи регионот на Прешево, Медвеѓе и Бујановац, вели Курти.

Според сооштението на ВВ, нејзиниот партиски лидер нагласил дека „признавањето на независноста на Косово (од страна на Србија), реципроцитетот на правата во двете земји и соочувањето со минатото се формулата која гарантира вистински и долгорочен мир“.

- Ние треба да разговараме и да работиме за правата на српските граѓани во Републиката, а не за пазарења на авторитарни претседатели со територии. За добрососедски односи Србија треба многу да се промени. Говорот на Вучиќ во Митровица јасно го потврдува токму спротивното, порача Курти.

Францускиот амбасадор, како што соопшти ВВ, ја нагласи посветеноста на неговата земја „да им помогне на земјите од Западен Балкан, посебно на Косово, за решавање на нивните меѓусебни проблеми на европскиот пат“. иа/16:00

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ