• A-
  • A
  • A+
вторник, 18 септември 2018, 

Европратениците загрижени за функционирањето на правната држава во Унгарија

Стразбур, 12 март 2013 (МИА) - Европратениците од редовите на социјалистите, зелените и либералите, преку претседателите на своите парламентарни групи изразија загриженост за функционирањето на правната држава во Унгарија, јави дописникот на МИА од Стразбур.

Загриженоста на европратениците дојде откако унгарскиот Парламент, во кое големото мнозинство има партијата Фидес на премиерот Виктор Орбан, ги донесе спорните измени на Уставот на земјата. Со овие измени, Уставниот суд во иднина ќе може да ја преиспитува правната процедура, но не и содржината на промените на Уставот што ќе ги носи Парламентот.

Промените на Уставот, освен тоа, би требало повторно на сцена да вратат некои закони што претходно паднаа пред Уставниот суд, а се однесуваат на забраната на изборни реклами на приватните медиуми или криминализацијата на бездомниците.

Лидерот на зелените Даниел Кон-Бендит оцени дека „Унгарија излегува од просторот на правната држава и вредностите и принципите на Европската Унија“. Кон-Бендит исто така беше критичен и за демократското функционирање на Романија и Бугарија.

Лидерот на европските либерали и демократи, Ги Верхофстад се повика на членот 7 од Европскиот договор кој им дозволува на Европската Комисија, на Европскиот совет на иницијатива на една третина од државите членки и на Европскиот парламент да преземат мерки доколку бидат загрозени или постојат ризици од загрозување на фундаменталните вредности.

Многу поуморен во реакциите беше лидерот на групата на народните партии, Жозеп Дол, чиј член е и унгарската Фидес, кој побара време пред Европската Комисија и Советот на Европа да се изјаснат дали донесените уставни измени во Унгарија се во согласност со европските договори. тг/сп/13:11

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.