Руската доминација по прашањето за Сирија

Руската доминација по прашањето за Сирија

9 јануари 2017

Ал Џезира - Доха

Политичкото решение за војната во Сирија станува се покомплицирано. 

Наспроти руската доминација над одлуката за решение на кризата, стои меѓународната немоќ да се спротивстави на опструирањето од страна на Москва, која го поддржува својот сојузник Башар ел Асад. Дури, работите одат до таа мера што „западните земји се оддалечија од приоритетот за смена на сирискиот режим и се свртеа кон борба против тероризмот”.

Руската супериорност јасно се покажа кога оваа држава двапати го употреби правото на вето во Советот за безбедност на ОН. Русија дури почнува да ја зема иницијативата во свои раце, најавувајќи нови преговори за Сирија под покровителство на Москва и Анкара во главниот град Казахстан.

По формирањето на Врховниот преговарачки совет на сириската опозиција кон крајот на 2015 година, почетокот на 2016 година беше одбележан со интензивни политички и дипломатски контакти под покровителство на Обединетите нации во Женева, меѓу претставниците на сириската опозиција и режимот на Башар ал-Асад на 25 јануари. Преговорите потоа беа одложени за 29 јануари поради несогласувања. 

Потоа следеше период на спорови откако сириската опозиција условуваше да се создаде атмосфера за преговори со „иницијатива на добра волја од режимот“, што се однесуваат на прекин на бомбардирањето, деблокада и ослободување на затворениците. Понекогаш сирискиот режим цврсто се држеше до својот став за дијалог без условувања, а понекогаш одбиваше да преговара со некои страни во состав на делегациите на сириската опозиција. Преговорите беа покренати без големи надежи за успех.

Неколку дена подоцна преговорите беа прекинати. Специјалниот пратеник на ОН во Сирија, Стафан де Мистура најави нов датум за продолжување на преговорите пред крајот на февруари, откако ќе се подготват соодветни услови за договор и прекин на огнот. Иако примирјето бепе постигнато на 26 февруари, поради неговото константно кршење, преговорите беа пролонгирани за 14 март.

Новата рунда на сириските преговори во Женева се поклопи со руското соопштение за делумно повлекување на нејзините сили од Сирија. Тоа ги наведе сите страни да бидат оптимисти во врска со овие настани. Меѓутоа, тој оптимизам не траеше долго, откако Де Мистура побара од делегацијата на сириската опозиција и режимот да понудат визија за политичка транзиција, која би ја изложиле во документ под името „Документ за начелата на политичко решение”. Сириската опозиција го поздрави тој предлог, додека сирискиот режим го отфрли.

Курдска федерација

Во екот на преговарачката атмосфера се појавија нови компликации на сириската политичка сцена. Курдската Демократска унија и нејзините сојузници на 18 март најавија прогласување на федерален ентитет на подрачјата под нивна контрола во северна Сирија, под името Ројава. Тоа наиде на противење од другите страни во Сирија: од сирискиот режим, опозицијата и сојузниците на Курдите.

Сирискиот режим се обиде да ги заобиколи преговорите „Женева-3“, кога претседателот Башар ел Асад во интервју за руска агенција изјави дека целта на овие преговори е постигнување на договор за формирање на единствена влада на режимот и опозицијата. Сирискиот режим потоа презеде чекори кои имаа за цел да ги уништат овие преговори и да го намалат нивното значење, а најави и одржување на парламентарни избори на 13 април, т.е. на денот на повторно покренување на преговорите.

Како и во претходните ситуации и овој круг на индиректни преговори заврши без остварување на каков било напредок. Освен тоа, делегацијата на Врховниот преговарачки совет на сириската опозиција се повлече од преговорите во Женева, поради интензивирање на воздушните напади врз цивилите и продолжување на опсадата на градовите и помалите места во Сирија, но и поради тоа што не беше остварен каков било напредок во врска со ослободување на затворениците.

Неуспех и вето

Од тој период дипломатските активности за решавање на проблемите во Сирија, кои се одвиваа меѓу американскиот државен секретар Џон Кери и неговиот руски колега Сергеј Лавров, се покажаа неуспешни. Не беше остварен напредок ни по конференцијата на Групата пријатели на сирискиот народ, па дури ни по состаноците на Меѓународната група за поддршка на Сирија, одржани во Париз, Берлин, Лондон, Москва и Женева.

Во обид да ја извлече сириската криза од ќорсокакот, меѓународната заедница го префрли решавањето на конфликтот во Советот за безбедност, но тоа доведе до нови поделби бидејќи Русија на 8 октомври стави вето на резолуцијата за прекин на борбите во Алепо и воспоставување на примирје за доставување хуманитарна помош во различни делови на Сирија.

Москва повторно посегна по вето и на 5 декември, заедно со Кина, на предлог-резолуцијата со која се повикуваше на седмодневен прекин на огнот и прекин на борбите ширум Сирија. Противењето на овој предлог Русија го оправда со тоа што тој не се однесува само на повлекувањето на борците од источен Алепо.

Поради ваквиот став на Русија, Врховното преговарачко тело на Советот на сириската опозиција објави дека Русија и Иран ги смета за окупаторски држави и повика на решавање на сириската криза надвор од Советот за безбедност.

Со оглед на ваквиот развој на настаните, Генералното собрание на Обединетите нации на 9 декември усвои необврзувачка одлука со која се бара моментен прекин на непријателствата во Сирија, пристап на хуманитарната помош и прекин на сите опсади, вклучувајќи ја и таа во Алепо.

Русија на 19 декември на крај дозволи да помине резолуцијата на ОН во корист на нивните сојузници во Дамаск, со која се дозволува ОН да го надгледуваат процесот на евакуација на цивилите од источен Алепо.

Новите руски напори

Руската доминација оди и подалеку од тоа, па така претседателот на Русија Владимир Путин соопшти дека се согласил со турскиот колега Реџеп Тајип Ердоган, новите мировни преговори меѓу страните во сирискиот судир да се одржат во Астана, главниот град на Казахстан.

Потоа следеше Московската декларација на 20 декември, која ја одобрија министрите за одбрана и надворешни работи на Русија, Турција и Иран, кои се согласија дека во решавањето на сириската криза треба да се даде предност на борбата против тероризмот, а не на смена на режимот.

Во светло на последните настани во Москва и внимателните реакции на сириската опозиција кон нив, како и во исчекувањето Доналд Трамп да го преземе претседавањето со САД, се поставува прашањето дали Русија годинава ќе успее да донесе политичко решение во Сирија или на сцена ќе се појават нови изненадувања, кои повторно ќе ги измешаат картите. вз/сп/09:16

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.