Извештајот за БиХ нема да биде дел од следниот пакет за проширување на ЕУ

Извештајот за БиХ нема да биде дел од следниот пакет за проширување на ЕУ

Сараево, 2 ноември 2017 (МИА) - Европската комисија ниту оваа, ниту следната година нема да издаде извештај за Босна и Херцеговина во пакетот за проширување.

Институциите на ЕУ чекаат од централните власти да им достават одговори на Прашалникот на Европската комисија, по што на БиХ ќе и биде доставено мислење, кое ќе вклучува и аналитички извештај.

- По Пакетот за проширување 2016., во кој беше вклучен и извештајот за БиХ, Европската комисија одлучи следниот пакет да го издаде на пролет, 2018-та година. Точниот датум ќе биде најавен во следните месеци, а пакетот за 2018 годија, вклучувајќи ги извештаите за одделни држави, ќе го покрива периодот од октомври 2016 до март 2018 година, изјави за сараевски „Кликс“ претставник на Делегацијата на ЕУ во БиХ.

Конкретно за БиХ, откако Советот на Европската унија во септември 2016 година побара Мислење од Еврокомисијата за барањето за членство на официјално Сараево во ЕУ, Комисијата нема да издава извештај за БиХ во следниот пакет за проширување.

- Наместо тоа, Комисијата ќе изработи мислење, со соодветен аналитички извештај. Точното време кое на Комисијата ќе и биде потребно да го достави своето мислење на БиХ е директно поврзано со капацитетот на земјата да одговори на прашањата, вклучувајќи и на оние од Прашалникот, кој Еврокомисијата го предаде на босанските власти во декември 2016, наведува Делегацијата на ЕУ во БиХ. ссм/зш/07:50

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.