• A-
  • A
  • A+
четврток, 20 септември 2018, 

Могерини бара повеќе одговорност од членките на ЕУ кога се во прашање мигрантите

Могерини бара повеќе одговорност од членките на ЕУ кога се во прашање мигрантите

Виена, 30 август 2018 (МИА) - Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини денеска изрази  желба земјите-членки на Европската унија да преземат „повеќе одговорности", за да се најде решение на сложеното прашање со прифаќањето на мигранти, кои биле спасени во Средоземното Море во рамки на мисијата „Софија".

- Иако проблемот е комплексен, мислам дека ќе биде добро земјите-членки да преземат повеќе одговорности за решавање на спорот околу прифаќањето мигранти на европските пристаништа, изјави Могерини по пристигнувањето во Виена на неформалниот состанок на министрите за одбрана на земјите-членки на ЕУ.

На средбата ќе се разговара за можни промени на начинот на кој мисијата „Софија“ во моментов функционира, пренесува БТА. Сега мисијата е под италијанска команда и предвидува спасените мигранти да бидат прифатени во италијански пристаништа, но Владата во Рим инсистира мигрантите да бидат прифатени и во пристаништа на други држави.

На крајот од минатиот месец, Италија соопшти дека им дава пет недели на европските партнери да најдат решение на прашањето со прифаќање мигранти и се закани дека ако не се најде решение, во целост ќе престане со спасувачките операции.

Могерини информираше дека во текот на изминатите недели се воделе преговори, но „не е постигнат договор“. Таа истакна дека тоа е прашање кое не може да се игнорира.

Италија најави дека на состанокот ќе ја брани идејата за ротација на приемот на мигрантите во европските пристаништа во рамки на мисијата „Софија“. ссм/12:02

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ