Макрон именуваше нови министри по двете неочекувани оставки

Макрон именуваше нови министри по двете неочекувани оставки

Париз, 4 септември 2018 (МИА) - Францускиот претседател Емануел Макрон денеска именуваше двајца нови министри во Владата, во ресорите екологија и спорт.

Поранешната светска првенка во пливање Роксана Марасинеану е новата министерка за спорт, а доаѓа на местото на поранешната олимписка шампионка во мечување Лаура Флесел, која денеска се повлече поради лични причини.

Во ресорот екологија, пак, Макрон го именуваше Франсоа де Ружи, на место на популарниот министер Никола Ило кој се повлече минатата недела велејќи дека е разочаруван поради неадекватните чекори во борбата против климатските промени, одбраната на биодиверзитетот и решавањето на другите закани по животната средина.

Од досегашниот спикер на Парламентот, Де Ружи се очекува да биде попрагматичен од Ило, имајќи предвид дека тој ја поддржа одлуката на Макрон за одложување на постепеното затворање на нуклеарните енергетски капацитети во Франција.

Макрон се соочува со значителен пад во популарноста, при што анкетите покажуваат дека со 31 процент одобрување е на најниско ниво од преземањето на функцијата во мај 2017 година. Популарноста на Макрон потона откако се дозна дека неговиот главен телохранител учествувал во брутална полициска акција против демонстранти на првомајските протести во Париз.

Пред Макрон е сериозна даночна реформа - од јануари даночните власти ќе почнат да го наплаќаат данокот на имот секој месец од приходите на граѓаните, наместо да чекаат на годишната даночна пријава. Овој потег предизвика остри реакции во јавноста. цч/ми/15:44

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.