Миграцијата во фокусот на годишното обраќање на Јункер пред ЕП

Миграцијата во фокусот на годишното обраќање на Јункер пред ЕП

Брисел, 10 септември 2018 (МИА) - Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, в среда ќе го одржи својот последен говор пред Европскиот парламент за „Состојбата на Европската Унија“.

Претседателот на Еврокомисијата секоја година во септември се обраќа пред европските народни избраници, говор во кој ги најавува приоритетите на неговата институција за наредната година и најкрупните предизвици.

Ова ќе биде негово последно вакво обраќање, бидејќи Јункер не планира повторно да се кандидира за функцијата по претстојните европски избори во 2019 година.

Годинава се очекува Јункер говорот да го фокусира на најголемиот предизвик со кој се соочува ЕУ - миграцијата.

мигранти брод италија ЕПА

Како што веќе најави и еврокомесарот за миграција Димитрис Аврамопулос, Европската комисија се очекува да најави создавање „вистинска“ европска гранична полиција со зголемени надлежности, кои досега им припаѓаа на националните власти.

Земјите членки на ЕУ со месеци не успеваат да најдат компромис за управување со миграциските текови во Европа. Иако бројот на баратели на азил во ЕУ е намален во споредба со кризата во 2015 година, пристигнувањата преку Средоземното Море во Италија и натаму претставуваат голем товар за земјата, особено поради недостигот од солидарност помеѓу земјите членки за прераспределување на мигрантите и бегалците во 28-те земји членки на ЕУ.

Од барањата за солидарност, ЕК се повеќе го поместува фокусот на зајакнувањето на надворешните граници. Во овој контекст се очекува Јункер в среда да го образложи новиот предлог на комисијата за решавање на кризата, пишува шпанскиот весник „Ел паис“.

Фронтекс

Европската гранична служба Фронтекс, која има околу 1.500 гранични полицајци, сега може да дејствува само по барање од земјите членки. Брисел веќе предложи Фронтекс да се зголеми на 10.000  полицајци до 2020 година, а в среда би требало да предложи да и се дадат пошироки овластувања и централизирана команда, што би значело одземање на дел од суверенитетот на земјите членки во оваа област. Тоа би можело да биде причина поради која предлогот ќе наиде на силен отпор кај властите на земјите членки.

Истовремено, според „Ел паис“, ЕК ќе предложи и воспоставување контролирани коридори за влез во ЕУ.

Европската комисија се очекува да предложи и засилена соработка со африканските земји од каде што доаѓаат економските мигранти кои немаат право на азил во ЕУ.

Јункер несомнено ќе се осврне и на битката против популистите пред европските избори во мај.

Жан-Клод Јункер

Прашање е дали ќе се осврне и како на ситуацијата во Унгарија, против која се водат две прекршочни постапки поради прекршување на европските правила за азил. Јункер, кој и припаѓа на Европската народна партија (ЕПП), е сопартиец на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Иако Орбан претставува се поголем проблем во ЕПП, тој останува важен фактор во групата и неговото исклучување од неа и можно приклучување кон некоја од популистичките политички групи би бил ризичен потег пред изборите, коментираат аналитичарите во Брисел.

Претседателот на ЕК се очекува да се осврне и на улогата на ЕУ во светот, на односите со САД, пред се околу трговските тензии и нуклеарниот договор со Иран, како и на влијанието на Русија во светот, вклучително и на Балканот.

Јункер би требало да ја потврди и европската перспектива за земјите од Западен Балкан, како што тоа го прави секоја година во својот говор. тм/сп/12:33

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.